Мегафон свечено отворени 63-тите „Струшки вечери на поезија“

Љутков: 63 години поети од целиот свет од Струга испраќаат јасна порака – дека не постојат мали и големи јазици, мали и големи култури!

Љутков: 63 години поети од целиот свет од Струга испраќаат јасна порака – дека не постојат мали и големи јазици, мали и големи култури!

Со музичко-поетски перформанс на македонскиот пијанист Дино Имери и традиционалното палење на поетскиот оган вечерва свечено се отвори 63. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезија“.

Свеченоста се одржа во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, во присуство на голем број поети од земјава и од странство, како и на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, претставници на дипломатскиот кор, претставници на политичкиот и културниот живот во земјава и почитувачи на пишаниот збор.

63. издание на „Струшки вечери на поезијата“ официјално го прогласи за отворено министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој потенцираше дека низ годините на фестивалот биле дел најкултните светски, поетски имиња.

Момчето Артур има рипка Леона која умира од досада. За да ја спаси, мајка му го советува да ѝ подари песна. Звучи едноставно – но Артур нема поим што е песна, па ги обиколува семејството и познаниците трагајќи по одговорот. Секој што го сретнува песната ја дефинира на некој свој начин. Канаринецот му рекол:
„Песна ти е она
Кога зборовите ќе замавнат со крилјата“
Баба му му вели:
„Кога ќе го навлечеш,
мој Артуре, стариот џемпер наопаку,
тој ти е како нов.
Песната ги извртува и пресвртува зборовите
и оп, светот станува нов.“

Дозволете ми, со сегмент од перцепцијата на поезијата од годинашниот лауреат на „Струшките вечери на поезијата“, Жан-Пјер Симеон, да ви пожелам топло добредојде во Струга, во Македонија. Вечерва го одбележуваме почетокот на 63-тото издание на оваа престижна манифестација, која благодарение на ентузијазмот и креативноста на генерациите македонски поети, но и на присуството на најголемите светски автори, се етаблираше како најголем промотор на македонската и на современата светска поезија. Струшките поетски вечери сведочат за културните вредности што се создаваат на македонските простори и на светските меридијани, тие се динамична и жива антологија на светската поезија. Слободно можеме да констатираме дека оваа манифестација има глобално значење, почитувана е и верификувана од светска културна јавност. Континуирано, веќе шеесет и три години, поети од целиот свет, овде, во Струга, ја пренесуваат убавината на пишаниот збор и во единствен, хармоничен глас, испраќаат јасна порака до светот – дека не постојат мали и големи јазици, мали и големи култури. Над реката Дрим, Струшките вечери на поезијата ги сплотуваат стиховите на јазикот на цивилизациското разбирање, јазикот кој сите ние мораме да го зборуваме и да го почитуваме.
Во изминатиот период Струшките вечери на поезијата ги овенчаа најзначајните поети на 20 и 21 век, како: Неруда, Бродски, Ружевич, Гинзберг, Амихај, Дарвиш, Хјуз, Ко Ун, а за некои автори токму Златниот венец беше вовед кон најголемото светско книжевно признание – Нобеловата награда за литература. Дозволете ми во оваа пригода да го изразам моето големо задоволство што оваа година на плејадата поети добитници на престижното признание лауреат на „Струшките вечери на поезијата“ ѝ се придружува и добитникот на Златниот венец на поезијата за 2024 година, големиот Жан-Пјер Симеон, кој: „Го ослободува јазикот од јаловината и пресоздава јазик, наменет да соопшти, да пренесе, зборовен пејзаж богат со резонанции и метафорични споеви.“
За нас е голема чест што г. Жан-Пјер Симеон е вечерва со нас и што Струга и Македонија ќе бидат негов поттик и инспирација за многу нови стихови, како слики и пејзажи од ова големо срце на Балканот.
Над шест децении познатата песна „Т’га за југ“ од корифејот на македонската уметничка поезија, Константин Миладинов, е светска химна за топлината внатре, во духот на човекот и различните цивилизации. Затоа, вечерва ќе посакам, заеднички да доживееме уште многу успешни изданија на меѓународната манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Министерството за култура и туризам, со поддршка од македонската Влада, ќе продолжи да ги промовира универзалните цивилизациски и културни вредности. Ќе останеме доследни на заложбите заеднички да ги прославуваме неодминливите успеси на овој фестивал со космополитски и универзален концепт, да градиме нераскинливи културни врски меѓу народите и да ја негуваме традицијата на обединување на светот низ поетскиот збор.
Уште многу години творечкиот дух нека говори од Мостовите на Струга!
Ги прогласувам шеесет и третите „Струшки вечери на поезијата“ за отворени!, рече минисетрот Зоран Љутков.

To top