Живот и стил

Кучињата ги разбираат зборовите на сличен начин како и луѓето

Кучињата ги разбираат зборовите на сличен начин како и луѓето

Кучињата се способни да разберат дека одредени зборови се однесуваат на одредени предмети на сличен начин како и луѓето, покажа мало истражување на кучешките мозочни бранови, кое нуди увид во начинот на кој функционираат умовите на најдобрите пријатели на човекот.

Студијата, која ја анализирала мозочната активност на 18 кучиња, обезбедила докази дека тие можат да ја активираат меморијата на некој предмет кога ќе го слушнат неговото име. Студијата е спроведена на Универзитетот Еотвос Лоранд во Будимпешта и објавена во списанието Current Biology, пренесува Ројтерс.

„Имаше долга дебата за способноста на животните да ги разбираат зборовите референтно“, вели Маријана Борос, која е коавтор на студијата.

„Иако наидовме на приказни за различно однесување на животните, тоа секогаш беа исклучителни случаи. Нашата студија е првата што тврди дека тоа е способност на цел вид“.

За време на студијата, сопствениците на кучиња зборувале зборови за предмети што нивните миленици ги знаеле. Тогаш во некои случаи на кучето ќе му се прикаже предмет што одговара на тој збор, додека во други случаи предметот не се совпаѓа.

Резултатите откриле дека шаблоните во мозокот на кучињата кога зборовите се совпаѓаат со предметите биле различни отколку кога не се совпаѓале. Слична реакција може да се забележи кај луѓето.

„Кучињата можат да разберат дека зборовите значат нешта… Така тие ги активираат менталните претстави и го поврзуваат значењето на зборот со менталната претстава на објектот, а не само со контекстот“, рече Борос.

Истражувачите планираат да испитаат дали оваа способност за разбирање јазик е специфична за кучињата или дали може да биде присутна и кај други цицачи.

To top