Шеесет оригинални историски фотографии, од кои значителен дел досега не биле претставени пред јавноста, од вечерва ќе бидат изложени во Галеријата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во рамки на изложбата „Револуција во кадар“. Изложбата е посветена на македонското револуционерно минато и претставува избор на оригинални фотографии од приватната колекција на Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски.
Поставката нуди фотографско патување низ четири децении од македонската историја, почнувајќи од основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, па сè до политичките и општествените случувања во меѓувоениот период, заклучно со 1934 година.
Преку оригинални портрети, групни фотографии и ретки визуелни сведоштва, посетителите ќе можат да се запознаат со ликовите на македонски револуционери, војводи, комити, интелектуалци, црковни дејци и жени вклучени во револуционерното движење. Покрај познатите личности, изложбата претставува и помалку познати или речиси заборавени учесници во македонската револуционерна историја.
Особена вредност на поставката е што значителен дел од фотографиите досега не биле објавувани, а некои за првпат ги откриваат ликовите на личности познати само од пишаните историски извори. Станува збор за оригинални фотографски примероци собирани и истражувани со години, како дел од поширок процес на пронаоѓање и документирање на македонското фотографско наследство.
Изложбата е организирана во три тематски целини што ги опфаќаат периодите пред и по Илинденското востание, времето на Балканските војни и Првата светска војна, како и меѓувоениот период до 1934 година.
Според рецензентите проф. д-р Никола Жежов и проф. д-р Теон Џинго, една од особеностите на поставката е што на едно место претставува личности од различни револуционерни организации и политички струења, овозможувајќи поширок поглед кон македонското револуционерно минато.
„Револуција во кадар“ се надоврзува на изложбата „Лицата на револуцијата“, реализирана пред три години, продолжувајќи го истражувањето и јавното претставување на реткото македонско фотографско наследство.
фото: плакат




