Оваа сабота, на 23 ноември во во „АудиоКултура“ во Скопје, со почеток од 13 часот е закажана промоцијата на деби албумот на музичарот Иван Кукиќ насловен „Sunday Vibes“. Промоцијата ќе биде пропратена со акустичен концерт на кукиќ со неговите најблиски соработници.
Кукиќ е автор на најголемиот дел од материјалот на албумот, на кој има и интересни соработки. Една песна отпеал легендарниот Дадо Топиќ, а гостуваат и Влатко Стефановски, бугарскиот кавалџија Теодосиј Спасов, групата на неговите родители „Јупитер“ и грчкиот блуз и рок гитарист Сакис Доволис, додека пак темата „Балкан фанк“ е снимена во колаборација со Џамбо Агушев и Јан Стефановски.
Иван Кукиќ, кој на јавноста ѝ е најпознат како басист во триото на Влатко Стефановски, е син на познатата брачна фолк двојка: Ленче и Горан Кукиќ. Тој пред една година дипломираше музичка продукција и дизајн на звук во Белград. Младиот музичар важи за мултиталентиран мултиинструменталист, зашто свири гитара, тапани, пијано, контрабас и народни инструменти, компонира, аранжира и пее.