Живот и стил

Истражување: Кога човечкото тело почнува забрзано да старее?

Истражување: Кога човечкото тело почнува забрзано да старее?

Научниците од Кинеската академија на науките спроведоа сеопфатна студија која открива кога нашите тела всушност почнуваат да стареат и на која возраст се случува клучна промена што го забрзува овој процес. Резултатите беа објавени во научното списание Cell, а објавени од Men’s Journal.

Истражувачите анализирале протеини во различни ткива земени од околу 70 луѓе на возраст од 14 до 68 години. Тие се фокусирале на промените што се случуваат на клеточно ниво во текот на една деценија.

„Протеините се основа на животот, но сликата за стареењето преку протеините во човечките ткива не е доволно истражена“, наведуваат научниците во студијата. „Во оваа анализа вклучивме 516 примероци од 13 видови ткива во текот на пет децении.“

Првите знаци на стареење се видливи кај протеините

Д-р Томас Блеквел од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Тексас објасни за USA Today дека токму протеините даваат најпрецизен увид во тоа кога телото почнува да старее. Клетките произведуваат протеини според упатствата од информативната РНК, а првиот знак на стареење е намалување на способноста на клетките да го прават тоа ефикасно и правилно.

Пресвртната точка се јавува околу 50-годишна возраст
Научниците развија таканаречени „протеински маркери на стареење“ за секое ткиво во телото, што им овозможи детално да го опишат процесот на стареење за секој орган. Нивните податоци покажуваат дека клучна пресвртна точка се јавува околу 50-годишна возраст.

Важно е да се напомене дека не сите органи стареат со иста брзина. Слезината, аортата и надбубрежните жлезди ги покажуваат првите знаци на стареење уште на 30-годишна возраст. Најинтензивните промени се случуваат помеѓу 45 и 55 години во срцето, црниот дроб, панкреасот, белите дробови, кожата, мускулите и повторно – слезината. Аортата, како најголема артерија во телото, потоа претрпува најголеми промени во составот на протеините.

Што значи ова откритие за здравјето?

Невил Санџана, професор на Универзитетот во Њујорк (NYU), верува дека ова истражување би можело да има големо влијание врз идниот развој на терапиите за хронични болести и поздраво стареење.

„Ова е одличен почетен водич за разбирање на тоа како нашите органи стареат“, изјави тој за USA Today. „Податоците што ги собрале можат да послужат како основа за развој на методи на биоинженерство и нови терапии што би можеле да помогнат во одржувањето на здравјето додека старееме.“

Д-р Блеквел додава дека луѓето сè уште можат да го забават сопственото стареење, но времето за дејствување доаѓа порано отколку што мислиме.

„Можно е да се добијат до 10 дополнителни години здрав живот помеѓу 45 и 50 години. Оваа студија покажува дека телото веќе покажува јасни знаци во тој период, само треба да знаете како да ги препознаете“, заклучува тој.

извор:netpres
фото:Freepik

To top