Мегафон 37 години традиција

„Гоце фест“ годинава со нов термин и силна симболика

„Гоце фест“ годинава со нов термин и силна симболика

Фестивалот на новосоздадени, патриотски и родољубиви песни „Гоце фест“ годинава ќе се одржи во нов термин, но со уште посилна симболика. Наместо традиционално во текот на месец февруари, фестивалот оваа година ќе се одржи на 4-ти мај, датум кој има посебно историско значење за Македонија. Токму на тој ден во 1903 година во селото Баница загинува македонскиот револуционер и идеолог на македонската борба за слобода Гоце Делчев.

Причината за промената на терминот е реновирањето на концертната сала во Домот на АРМ во Скопје, традиционалниот дом на фестивалот, кој со години е сцена на патриотската музика и место каде се создаваат нови песни посветени на татковината. Но и покрај промената на датумот, подготовките за 37-то издание на „Гоце фест“ се веќе во завршна фаза. Според информациите, сите фестивалски композиции се подготвени, а на сцената ќе настапат голем број познати имиња од македонската музичка сцена, кои и оваа година ќе ја продолжат традицијата на создавање нови родољубиви песни.

Организаторите најавуваат вечер исполнета со емоција, патриотска енергија и нови музички приказни, кои ќе ја слават македонската историја, култура и дух.

Фестивалот „Гоце фест“ веќе речиси четири децении претставува една од ретките музички манифестации во Македонија која ја негува патриотската песна, а секое ново издание носи нови композиции што остануваат дел од музичката меморија на народот. Со нови песни, познати изведувачи и силна симболика, годинашното издание на „Гоце фест“ ветува вечер во која музиката ќе биде најгласниот поздрав до македонската историја и херојството на Гоце Делчев.

To top