Мегафон историја, традицијата, љубов кон татковината вткаени во песната

„Гоце фест“ го отвори конкурсот за своето ново издание кое ќе се одржи во февруари 2027 година

„Гоце фест“ го отвори конкурсот за своето ново издание кое ќе се одржи во февруари 2027 година

Македонската народна песна со патриотска и родољубива содржина повторно ќе добие нова можност да блесне на големата фестивалска сцена. Еден од најпрепознатливите фестивали посветени на новосоздадената македонска народна музика – „Гоце фест“, официјално го отвори конкурсот за своето издание кое ќе се одржи во февруари 2027 година.

И оваа година организаторите ги повикуваат композиторите, текстописците и сите музички автори да создадат песни кои ќе го негуваат препознатливиот македонски музички дух. Од композициите се очекува да ја задржат автентичната македонска мелоритмика, а инспирацијата да ја пронајдат во богатата историја, традицијата, современиот живот, љубовта кон татковината и вредностите што со децении ја красат македонската народна песна.

„Гоце фест“ отсекогаш бил место каде што се раѓаат песни со душа – композиции што не траат само една фестивалска вечер, туку остануваат да живеат меѓу народот. Токму затоа организаторите ги охрабруваат авторите да понудат свежи идеи, оригинални приказни и теми кои досега ретко или воопшто не биле музички обработувани. Според условите на конкурсот, секоја пријавена композиција треба да содржи нотен запис со впишани хармонски симболи, текст и демо-снимка.

Со самото пријавување, авторите му ги отстапуваат на организаторот правата за аранжирање, снимање, прво јавно изведување, печатење и издавање на песните на носачи на звук и слика, додека останатите авторски права остануваат заштитени согласно Законот за авторското право и сродните права.

Советот на фестивалот го задржува правото, преку своите стручни комисии, да предложи мелодиски, ритмички, хармонски или текстуални корекции на композициите, а доколку не пристигне доволен број квалитетни песни, дел од програмата ќе биде обезбедена по пат на нарачка.

Крајниот рок за испраќање на композициите е 30 ноември 2026 година, а сите заинтересирани автори своите материјали треба да ги достават на електронската адреса: [email protected]. Доколку во вас се крие песна што ја слави Македонија, нејзината традиција, народ и убавина, можеби токму таа ќе биде следниот фестивалски евергрин што ќе го запее целата публика.

To top