Од верските календари: 2 мај 2024
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 19 април.
Денеска е Велики четврток
Главно за овој значаен ден од Страдалната седмица е дека Господ тогаш ги востанови двете суштествени тајни за нашето спасение: Светата евхаристија (на Тајната вечера: „Земете, јадете, ова е телото Мое кое за вас се прекршува за отпуштање на гревовите! Пијте од неа сите. Ова е крвта Моја која за вас и за мнозина се излева за отпуштање на гревовите! Правете го ова во Мој спомен“.) и Исусовата молитва („…Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви се даде“ (Јован 16, 23). „И што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам за да се прослави Отецот во Синот. Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам…“, Јован 14, 13 – 14). Со други зборови, на Велики Четврток почнува светотаинскиот живот на Црквата. Денот започна со Христовите последни поуки за карактерот на љубовта што треба да ја стекнеме ако сме Негови, Неговото смирение; се памти миењето на нозете на апостолите што го направи Сам: „Ако Јас, Господ и Учител ви ги измив нозете, тогаш сте должни и вие еден на друг да си ги миете нозете“ (Јован 13; 14). А заврши со предавството на Богочовекот Исус Христос на првосвештениците и фарисеите, извршено од Јуда Искариот, еден од бројот на Дванаесеттемина најблиски Христови ученици.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: денес е Свети Јосиф Патријархот
Свети Јосиф (хебрејски jōsēf: нека даде Јахве), старозаветниот патријарх, бил единаесеттиот син на патријархот Јаков, првиот од неговите два сина со неговата сакана сопруга Рахила. Живеел во 18 и 17 век п.н.е. Приказната за Јосиф е дел од Старозаветната книга Битие.
фото:Влада