Луѓето кои јадат три порции помфрит седмично имаат поголем ризик од развој на дијабетес тип 2, сугерира нова студија. Оние кои консумираат слични количества варени, печени или пире од компири не се изложени на зголемен ризик од болеста, откриле авторите на истражувањето.
Меѓународен тим истражувачи, вклучувајќи експерт од Универзитетот во Кембриџ, истражувал можна врска меѓу консумирањето компири и ризикот од дијабетес тип 2. Тие анализирале податоци од студии кои го следеле здравјето на повеќе од 205.000 здравствени работници во САД, а студиите биле спроведени во текот на речиси четири децении.
Истражувачкиот тим открил дека јадењето печени, варени или пире од компири не е поврзано со зголемен ризик од дијабетес тип 2.
„Ризиците поврзани со внесувањето компири варирале во зависност од методот на подготовка“, напишале авторите во статија објавена во медицинското списание BMJ.
Луѓето кои јаделе најмногу помфрит, најмалку три порции седмично, имале 20 отсто поголем ризик, додека оние кои јаделе помфрит пет пати седмично имале 27 отсто поголем ризик од развој на болеста.
Истражувачкиот тим, исто така, открил дека замената на три порции компири секоја седмица со интегрални житарки го намалува ризикот од дијабетес тип 2 за 8 отсто.
„Се проценува дека замената на која и да е форма на компир, особено помфритот, со интегрални житарки го намалува ризикот од дијабетес тип 2, истакнувајќи ја важноста на промовирањето на интегралните житарки како суштински дел од здравата исхрана“, напишале научниците.
Интегралните житарки вклучуваат кафеав ориз, овес, ‘рж, киноа, јачмен или просо.
извор:нетпрес
фото:Freepik







