Радио Милева Резултатот е нешто што не можеш да го смениш

Бившиот селектор Игор Ангеловски „им го плесна“ в лице: „Луѓе и селектор без капацитет во ФФМ со својата нестручност, заради личен профит ја растурија најдобрата фудбалска генерација во Македонија“!

Бившиот селектор Игор Ангеловски „им го плесна“ в лице: „Луѓе и селектор без капацитет во ФФМ со својата нестручност, заради личен профит ја растурија најдобрата фудбалска генерација во Македонија“!

По двата одиграни  пријателски натпревари во март годинава, ремито со Молдавија, и поразот од Црна Гора, уште еднаш се потврдува дека во ФФМ и А селекцијата нешто „чкрипи“.  А – тимот трокира, па ако последниве години возевме во лер, сега тргнавме и рикверц.

Наместо напредок и резултати, наместо радости и пласман на уште некое големо фудбалско натпреварување, станавме тим за поткусурување, за набивање гол разлика на големите и историски триумфи на оние најмалите. „Каква власт – таква држава, па таков и фудбал“ – ќе рече некој, иако не би требало, а и отсекогаш и не било баш така.

Зашто селекциите против кои игравме во последните неколку години како Украина или Грузија се квалификуваа за Европското првенство во Германија, а ние, кои токму преку една Грузија во баражот остваривме историски успех, сега завршуваме последни или претпоследни во групата. Регрес наместо прогрес, со речиси истиот тим ( без Пандев) со кој за прв пат испишавме историја.

И преку ноќ и плукнавме на истата, откако без  причина го сменивме тогашниот селектор Игор Ангеловски – Мрме, за демек да дојде актуелниов „сер Боби“ ( Благоја Милевски), кој ете, бил човекот што му го сервирал тимот од тогаш млади фудбалери како нивен У21 селектор, а Мрме , само го собрал кајмакот и славата.

Арно ама, кога Милевски седна на неговото место, се виде дека и не било баш така. Зашто истите тие деца со истиот човек во А тимот, не се истите… Не барем какви што беа со Мрме! И не барем по игрите и резултатите што А репрезентацијата ги прикажува – напротив…

Далеку од тоа, ако исклучиме по некој ситен повремен блесок, кој резултатски не ни донесе ништо, никаков голем пласман, освен што „забавата им ја расипавме“ на некои други од „големите“! А нам врема за нова радост и забава со Сејдини и „сер Боби“ никако да ни дојде!

Поранешниот селектор Игор Ангеловски на социјалните мрежи им го честита големиот успех на Грузијците кои ја победија во баражот Грција и она што ние тогаш „им го украдовме“, сега го остварија – пласман на ЕУРО! А, ние?

Токму затоа Игор Ангеловски сериозно ги обвини раководните луѓе на федерацијата и актуелниот селектор на македонската фудбалска репрезентација за недостатокот на резултати… Заради недостаток на капацитет и лични интереси, како што самиот екс селектор во својот Фејсбук статус пишува:

„Грузија вечерва заслужено слави. Ја победи Грција и испиша историја. Пласман на ЕУРО 2024 година, откако во минатото финале на Лига на нации загуби од Македонија. Честитки.
Но каде сме ние после историскиот пласман на ЕУРО 2020. Наместо да се бориме секој нареден циклус на квалификации да го подобруваме нашиот учинок го уништивме она што вреди носени од мотивите за личен профит и луѓе без капацитет на водечките позиции во ФФМ и на позицијата селектор на А репрезентација кои со својата нестручност успеаа да ја растурат најдобрата генерација во историјата на Македонија која бележела резултати и за тоа треба да им се “честита”. Но тоа не е се прокоцкаа шанса за пласман на Светско првенство каде 50% од работата им беше завршена. Сега слушаме изјави од селекторот кои ме загрижуваат бидејќи да изјавиш такво нешто треба да си надвор од мисловна активност или да бараш оправдување за сопствената немоќ.
Резултатот е нешто што не можеш да го смениш. Неинтелегентниот човек невозможно е да го поразиш со аргументи“  – сподели бившиот селектор кој јавно им го „плесна в лице“ своето мислење на челниците на ФФМ и неговиот наследник … Со факти или не, ќе покаже времето… Освен ако овие, актуелниве резултати, не ги сметаме за факти!


Фото: Инстаграм/ffmacedonia/Фејсбук/Igor Angelovski

To top