Крај за една ТВ ток шоу ера… А веројатно и за една водителска кариера која за жал, завршува тажно. Зашто Јанко Илковски попознат како Јанко – „Јади бурек“ и јавно „се одјави“, па го „угаси светлото“. Неговото ток шоу – нем(ор)а да продолжи… „Јади бурек“ замина во историја.
Имено, авторот и водител на една од култните емисии „Јади бурек“, Јанко Илковски, преку својот профил на социјалните мрежи соопшти дека шоуто престанува да се емитува и дека сценографијата „оди на добош“, односно е ставена на продажба. Во објавата што предизвика големо внимание на социјалните мрежи и ја разбранува јавноста, Илковски открива дека по повеќе од две децении во медиумите – нема осигурување, ниту доволно стаж за пензија. Јанко за жал, „исчури“…!

Факти што повеќе од јасно говорат за статусот и третманот на новинарско-водителската фела во Македонија и од газдите на медиумите и од институциите на системот и државата. Наместо да имаат бенифициран стаж согласно законот кој ги третира како службени лица, а и заради ризикот, сложеноста и специфичноста на професијата, многумина од нив целиот работен век го минуваат на договор, па дури и на црно, не можејќи да исполнат услови за право на пензија, која неретко дури и не ја дочекуваат. А новинарските здруженија „спијат“!

Јанко Илковски е само уште една коцкичка во „тажниот македонски медиумски мозаик“, кој професијата новинар или водител покажува дека е третирана само како „употребна вредност“, а не и како вредност и умешност во еден интелектуален занает. Што би рекле народски, додека им требаш – ќе те држат на јадица, потоа, завршуваш како фрлен билет на последна автобуска станица… Како „потрошен материјал“ на медиумското буниште, препуштен сам на себе и својата судбина. До душа не за секого, но новинарската судбина е токму таква кај многумина, па и онаа на Јанко – „Јади бурек“ чија култна емисија е принуден да ја загасне по емитување од цели 24 години.

Илковски објави дека целата сценографија од студиото на ТВ Сонце е достапна за продажба: панели, позадина, голема маса, стаклена маса и полица – но не и столиците. Сè се презема лично од студиото, а цената, како што посочува, е „колку побргу, толку поевтино“.

„Панели, позадина, голема маса, стаклена округла маса и полица. (не столиците, тие не се на продажба) понудеудете цена, колку побргу толку поевтино ќе ја дадам – ваш транспорт, преземање директно од студиото на ТВ Сонце во наредните пар дена. Ако не си ја собирам и ќе седи кај мене дома, но тгогаш цената многу повисока, поради транспортни трошоци.

П.С.
„Инаку, Јади Бурек престана да се емитува. Благодарам за дружбата. За судбината на ТВ Сонце не ме прашувајте, не е мое да кажам, никогаш не бев вработен таму, вечен хонорарец, затоа и немам никаква потреба ни да објаснувам.
– Засега нема интерес од друга ТВ Јади Бурек да ја преземе
– Засега немам чисти услови да стримам + немам спонзори, а не сум ги ни имал, пеј пер вју не може да покрие ни сметка за интернет, а камо ли останато.
– Имам други здравствени искушенија и тука ми е фокусот“ – споделил Јанко Илковски на својот Фејсбук профил обзнанувајќи го крајот на една ТВ ера на култното ТВ шоу „Јади бурек“ кое се емитуваше на различни ТВ фреквенции речиси четврт век.

И ако досега го гледавте него како „јаде бурек“, отсега преостанува само да „јадеме гурабии“… По социјални мрежи или онакви, какви што ги јадат по турските серии!
Фото: Фејсбук/ Janko Ilkovski







