Радио Милева горд и среќен...

Родителска радост за Енис Барди: Капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија стана татко, ќеркичката доби име Аја

Родителска радост за Енис Барди: Капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија стана татко, ќеркичката доби име Аја

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Енис Барди, стана татко. Неговата сопруга Фестина се породи и на свет донесе девојче, на кое родителите ѝ го дадоа името Аја.

Веста за раѓањето на бебето прв ја соопшти турскиот клуб на Барди, TÜMOSAN Konyaspor, кој преку своите официјални профили му честиташе на фудбалерот и неговата сопруга. „Нашиот фудбалер Енис Барди и неговата почитувана сопруга Фестина добија ќерка, Аја. Им честитаме и ѝ посакуваме на малата Аја среќен и здрав живот“, објавија од клубот.

Барди потоа сподели фотографија со новороденчето на својот Инстаграм профил, придружена со емотивна порака:

„Алах нè благослови мене и мојата сопруга со оваа прекрасна ќерка. Алах, направи ја праведна и дај ѝ здравје.“

Фудбалерот ретко споделува моменти од својот приватен живот, па објавата изненади многумина негови следбеници. Сепак, внимателните фанови претпоставија дека семејството очекува принова уште во септември, кога Барди по постигнатиот гол против Лихтенштајн направи гест на радост, симболично ставајќи ја топката под дресот – во чест на идното татковство.

По убавата семејна вест, капитенот веќе се врати во Скопје и се приклучи на репрезентацијата, која се подготвува за квалификациските натпревари за Светското првенство – најпрвин против Белгија на 10 октомври, а потоа и против Казахстан на 13 октомври.

Денеска честитки стигнаа од ФФМ, односно од претседателот Масар Омерагиќ и Горан Пандев.

Омерагиќ напиша: „Честитки за Барди за најубавиот погодок во животот, раѓањето на Аја“.

Фото: Инстаграм/ enisbardhi10/ffmacedonia

To top