Познатата македонска поп-рок пејачката Наташа Малинкова (42) е кандидат за советничка на Совет на Општина Кавадарци на претстојните локални избори. Нејзиното име се најде на листата на независни советници на Јован Златевски, и тоа на високото четврто место помеѓу 19-те предложени кандидати.
Како што самата Малинкова изјави за порталот Викимедиа (Viki.mk) таа е длабоко убедена и верува дека независните кандидати можат да понудат свежи идеи, атаа како таква сакала да придонесе за родниот град.

„Јас сум родена и израсната во Кавадарци и отсекогаш сум поврзана со луѓето овде преку музиката и јавниот живот. Мотивот да се кандидирам на советничка листа доаѓа од желбата мојот глас и моето искуство да ги ставам во служба на граѓаните.
Верувам дека независните кандидати можат да понудат свежа енергија, нова перспектива и идеји кои се надвор од дневната политика. Сакам да придонесам Кавадарци да биде град во кој младите ќе остануваат и тука ќе гледаат иднина, а сите граѓани ќе се чувствуваат слушнати и застапени“ – изјави Малинкова.

Инаку расната кавадарчанка, освен што е естраден уметник, исто така е и управител на трговско друштво, поточно е позната како сопственичка на познат салон за мебел во Кавадарци. Приватно, Наташа сопруга е и мајка на две веќе големи ќерки.

На македонската естрадна сцена пејачката е присутна околу две децении и публиката ја запозна во периодот кога започна како вокал на групата од „Багаж” со која и го отпеа хитот ,„Името твое”.

Потоа, таа самостојно ја продолжи пејачката кариера и зад себе има голем број на учества на фестивали, како и мноштво авторски песни, а периодов е актуелна со баладата „Нема правила”.

Мотото на листата Независни за Кавадарци пак, чиј кандидат е и Малинкова, е дека кандидатите ќе се залагаат за праведна општина, каде заедничкиот интерес е пред личниот.

Дали Малинкова ќе успее да влезе во политиката како локален функционер, допрва ќе видиме? Доколку тоа и успее, останува да дознаеме дали навистина ќе се залага за она кое го прокламира во предизборната кампања или ќе има „полна уста ветувања“ само пред избори, како повеќето политичари?! Ќе покаже дека сите не се исти во политиката и како што велат стиховите на нејзините песни „Нема правила“ или откако ќе седне во советничката фотелја ќе важи оноа: „Ова мора да е грешка, се вртиме во круг…?!“

И секако, ако стане општинска фунционерка, дали ќе продолжи активно да се занимава со музика, да настапува и да остане на естрадната сцена неприкосновена „пејачка ѕверка“ кога се во прашање нејзините вокални квалитети и живите изведби!
Фото: Инстаграм/natasamalinkova







