Членовите на познатата музичка група „Фидбек бенд” преку социјалните мрежи ја известија својата публика дека од неодамна имаат промена во нивниот состав. Имено тие и нивниот довчерашен член, односно пејач Јане Славов, решија да ја прекинат соработката и секој да продолжи понатаму во кариерата.
„По десет години заедничка работа и успех, дојдовме до моментот кога одлучив да направам промена во поглед на кариерата. Промена која носи нова енергија и излегување од комфорот зона, со цел сите да продолжиме да растеме како личности и уметници. Во овие години поминавме многу заеднички моменти, учевме едни од други и создадовме трајни спомени. Без разлика на тоа што музичкиот пат сега се разделува, нашето пријателство и сеќавањата на заедничката работа остануваат како највреден плод на овие десет години“ – изјави Јане Славов за напуштањето на досегашниот бенд.
Меѓутоа музичарите не губеа многу време, па во своите редови и официјално го донесоа познатиот пејач Александар Тасевски, кој пак позади себе има богат музички багаж, ама и табиет групите да ги менува како чорапи.
Имено Аце беше некогашен вокал на „Браво бенд“ со кои по бројните персонални измени и несогласувања меѓу членовите, самиот си замина од групата. Недолго потоа ја основаше групата „Балкан бенд“ која имаше големи планови за кариера дури и надвор од границите на Македонија. Сепак, како што обично бидува, домашниот есап и оној на пазар се сосема различни, па по само неколку години опстојуваше на музичката сцена, „балканските соништа“ се распрска како меурче од сапуница, па Аце ја напушти групата, која по некое време престана и да егзистира.
Тасевски тргна да прави соло кариера, сними една-две песни и… Еве го сега како замена за Славов на позицијата главен вокал во „Фидбек Бенд“, кои се огласија со соопштение:
“Почитувани, со огромно задоволство ви ја објавуваме новата етапа во нашата музичка приказна! Нашиот бенд започнува соработка со исклучително талентираниот пејач Александар Тасевски, кој од денес официјално е дел од нашиот тим. Подготвени сме да ви понудиме нешто ново, модерно и уникатно. Доаѓаме со уште повеќе емоции и полна енергија заедно со нашиот нов член. Со почит FEEDBACK BAND” – стои во соопштението кое го објавија членовите на музичката група.
Своето задоволство од новата соработка не го криеше ниту Александар Тасевски, кој истакна дека му претставува голема чест што добил покана да биде дел од “Фидбек Бенд”. “Се договоривме за нецели пет минути со новите колеги. Тоа значи дека уште во старт имаме исти ставови, исти цели и тоа посебно ме радува. Се надевам и верувам во една успешна и долга приказна” – изјави пејачот Александар Тасевски.
Тие веќе ги направија првите заеднички проби, а веќе се закажани и првите настапи. Исто така важно е да се напомене дека Александар и “Фидбек” во моментов работат и на новите „кавер” песни, а на крајот на јануари ќе ја промовираат и нивната прва заедничка авторска песна.