Живот и стил

Како да го заштитите стомакот при земање антибиотици? Избегнувајте млеко и портокали

Како да го заштитите стомакот при земање антибиотици? Избегнувајте млеко и портокали

Антибиотиците се ефективни во борбата против бактерии, но истовремено ги уништуваат и корисните бактерии кои се неопходни за здравјето на нашиот организам.

Иако се неопходни за третман на бактериски инфекции, нивната примена може да ја наруши рамнотежата на цревната микрофлора и да го намали бројот на здрави бактерии. Честата употреба на некои антибиотици може дури и да го зголеми ризикот од воспалителни заболувања на цревата, бидејќи го оштетува клучниот заштитен слој на слузокожата.

Здравите црева се од суштинско значење за силен имунолошки систем, добар сон, како и заштита од воспалителни и метаболички нарушувања, автоимуни болести, алергии, инфекции и дури одредени видови карцином. Затоа е многу важно што ќе преземеме за време и по антибиотската терапија, вклучително и изборот на храна која може да помогне во зачувувањето на корисните бактерии.

Што да консумирате за време на антибиотска терапија?
За време на терапијата, важно е да се консумираат пробиотски намирници како јогурт, сирење и кисела зелка, како и храна богата со влакна како интегрални житарки, грав, овошје и зеленчук. Исто така, пребиотичната храна што ја храни корисната микрофлора, како што се кромид, јаболка, какао и алги, е од голема корист.

Храна што треба да се избегнува
Треба да се избегнуваат намирници кои можат да ја намалат ефикасноста на лекот, како што се грејпфрут, свеж сок од портокал и храна богата со калциум. Истражувањата покажуваат дека овие намирници можат да го попречат разградувањето на лекот во организмот или да ја намалат неговата апсорпција. Затоа, ако ги консумирате, тоа нека биде неколку часа по земањето на антибиотикот.

Пробиотици по завршувањето на терапијата
Земањето пробиотици заедно со антибиотици може да помогне, но важно е да обрнете внимание на времето на внесување. Бидејќи пробиотиците содржат живи бактерии, антибиотиците можат да ги уништат и да ја намалат нивната ефикасност. Најдобро е со пробиотиците да започнете по завршувањето на антибиотската терапија. Ако сепак ги земате паралелно, осигурајте се дека внесот на пробиотици е најмалку три до четири часа после земањето на антибиотиците, односно помеѓу две дози.

извор:точка
фото:Freepik

To top