Македонската фолк пејачка и прва гајдаџика, Елена Јовческа, периодов живее исклучително динамичен и инспиративен и приватен и творечки живот.

И покрај тоа што мајчинството денес е нејзината најважна животна улога и преокупација, Елена останува целосно посветена на музиката. Со нови проекти, силна сценска енергија и јасна визија, таа уште еднаш докажува дека љубовта и исполнетоста што ги носи мајчинството можат да бидат дополнителна мотивација за професионален успех.

Таа неодамна реализираше три нови видеоспота, со кои најавува свежа музичка приказна, во која традицијата добива современ, модерен израз.

Станува збор за две добро познати и безвременски балкански песни – „Сјајна месечина“ и „Гледанице“, како и култната народна „Сојка птица“, која овојпат е изведена во сосема поинаков аранжман. Иако корените на песните се длабоко вградени во народната традиција, Елена заедно со својот тим направи мали, внимателни интервенции во текстовите, како и целосно нова музика и аранжмани, со што песните добија современа звучна слика, без да ја изгубат својата автентичност.

Покрај новите музички проекти, Елена веќе има договорено и интензивна концертна агенда.

Публиката, пак, со нетрпение ги очекува нејзините нови музички изненадувања од кои првото – песната „Гледанице“, за која музиката ја напишал Зеки Бекир, а аранжманот го направил Минтас Минти Мемедов, додека видеото го изработила „АРТ Продукција“, можете да ја проследите во продолжение…







