Лице в Лице
тетовски табиет со светки шмек

Златко Јовановски: „Додека децата ме исмејуваа, мајка ми ме убеди дека ми љубоморат, оти сум роден да бидам ѕвезда“ (ВИДЕО)

Златко Јовановски: „Додека децата ме исмејуваа, мајка ми ме убеди дека ми љубоморат, оти сум роден да бидам ѕвезда“ (ВИДЕО)
Модниот дизајнер Златко Јовановски, познат и како ЈЗЈ, го исполни детскиот сон да креира за српската ѕвезда Јелена Карлеуша. Неговите дизајни таа ги носеше на насловната страница на списанието „Хелоу“. Сепак, вели Златко, настрана Јелена, негов сон е своите креации да ги претстави во Дубаи.

„Јас знам дека по Лондон и Кина, еден ден ќе имам ревии во Париз и Милано, не се сомневам во тоа, но сега целта ми е да се пробијам во Дубаи. Кога видов каква е модата таму, како сè блеска и е раскошно, во мој стил, знам дека морам да го најдам моето место таму“, рече Златко за „Репортер“.

Разговаравме во Тетово, каде што се наоѓа едно од неговите две модни ателјеа. Другото е во Скопје, каде што одамна живее. Иако е навикнат на животот во Скопје, Тетово не го дава за ништо на светот. Башка, вели тој, таму го прави најубавиот шопинг за облека, оти може да се ценка.

„Абе ние во Тетово и јајцата на кантар ги мериме“, раскажува Златко за тетовскиот табиет.

„Јас знам дека ќе успеам каде и да одам, зашто сум шлакнат и будала, а само таквите успеаваат. Отсекогаш знаев дека ќе имам светска кариера. Како дете се облекував поразлично од врсниците и тие ме исмеваа и ме навредуваа, ама мене мајка ми ме воспитуваше да верувам во себе. Ми велеше: Златко, тие ти љубоморат, ти си роден за ѕвезда“, искрен е Златко, кого го нарекуваат и најконтроверзниот македонски дизајнер.

Ја запознавме и мајка му Благица. Таа ни откри дека нејзиниот син отсекогаш ја сакал модата, и дека таа е неговата најголема поддршка. Златко има две сестри, едната е во Тетово, другата во Милано, па цел живот го минал со жени и вкусовите која што да облече.

„Кога Моника се мажеше, Златко за мене го дизајнираше фустанот, а неа венчаница. Ми велеше: ‘Ако не ослабеш 5 килограми, нема фустан да ти направам“ – открива  мајката на ЈЗЈ.

И ако од дете ѝ ги уништувал чаршафите по дома кога му требал материјал за шиење денес е врвен дизајнер кој ја облече и Ава Макс.

За светските ѕвезди со кои Јовановски соработувал, која американска пејачка сака да седи во прв ред ако има ревија во Лос Анџелес, колку пари троши на облека, како од ќебето на баба си направи капут… Гледајте го видеото.

Останати вести од Лице в Лице