Живот и Стил

Забавно слабеење: Скокајте со јаже

Забавно слабеење: Скокајте со јаже

Барате забавен начин за да бидете во форма? Тогаш земете го јажето и започнете да скокате.

ЗОШТО СКОКАЊЕ НА ЈАЖЕ?

Скокањето на јаже е интензивна кардио активност, која ќе ви помогне да ги обликувате сите мускули по телото, почнувајќи од рамената, преку задникот до нозете.

Со 45 минутно скокање се согоруваат до 450 калории. Поради тоа со оваа физичка активност лесно и забавно можете да се ослободите од вишокот килограми.

Друга предност на скокањето на јаже е тоа што не ви е потребна скапа опрема и можете да го практикувате каде и да посакате.

ШТО ВИ Е ПОТРЕБНО ЗА ДА ЗАПОЧНЕТЕ?

Со 45 минутно скокање на јаже се согоруваат до 450 калории.

Јаже. Скоро секој од нас има јаже во својот дом. Не е важно дали тоа е јажето што сте го користеле уште кога сте биле мали или сега сте купиле ново. Важно е да внимавате на должината на јажето. За да проверите дали тоа јаже е за вас, застанете на средината на јажето и фатете ги рачките со рацете. Тие треба да достигаат до под вашите рамена.

Удобни патики. Со скокањето целиот товар паѓа на вашите стапала. Па затоа, пред да започнете, изберете убави патики кои ќе го намалуваат притисокот кој паѓа на вашите стапала.

Спортски градник. Поради самиот факт што постојано ќе скокате, потребен ви е убав спортски градник, кој да им осигурува добра потпора на вашите гради.

Помек под. Кога скокате со јаже, изберете помека подна површина. Можете да скокате во затворена просторија врз тепих или надвор на тревна површина.

ОСНОВНИ СКОКОВИ

Скокање во место. Чувајте ги главата и грбот исправени, додека скокате од една нога на друга, дозволувајќи му на јажето да поминува под вашите нозе. Носете ја вашата тежина од едната на другата нога со секое скокање. Правете го ова движење 70 пати во минута, така што секој пат кога ќе ја смените ногата ќе го сметате за едно скокање. Како што напредувате со вежбањето, можете да го зголемувате бројот на скокања во една минута.

Напред-назад. Скокајте напред-назад, за да ги зацврстувате мускулите на нозете. Обидете се да правите 70 такви скокови во минута.

Скокање со трчачки движења. Секогаш кога го прескокнувате јажето, свиткајте ги колената пред вас, како што тоа го правите додека трчате. Правете го ова движење околу 80 пати во минута.

ПОНАПРЕДНИ СКОКОВИ

Двојно прескокнување. Јажето треба да помине под вас два пати, на секој ваш скок. Обидете се да го направите тоа еднаш или неколку пати ако можете. Можете да правите 100 обични скокови и на секој десетти скок да го вметнете двојното прескокнување.

Осумки. Рацете треба да ви бидат на висина на вашите колкови. Откако јажето ќе помине преку вашата глава, прекрстете ги рацете и скокнете во кругот што ќе го оформите со јажето.

Скокањето на јаже е многу забавно. Експериментирајте со различни скокови и нема да забележите кога ќе поминат 45 минути, а вие ќе согорите до 450 калории и ќе се чувствувате полни со енергија.