Живот и Стил

Салеп, вкусен напиток против воспаленија на дишни патишта и грип

Салеп, вкусен напиток против воспаленија на дишни патишта и грип

Салепот е всушност билка од родот на орхидеи (Orchis sp.) од која се користи коренот, односно грутката. Здравите, сочни и развиени грутки се откопуваат кога билките цветаат или потоа. Собраните грутки се мијат со ладна вода, потоа се држат неколку минути во топла вода за да се деактивираат ензимите во нив, па се сушат на сонце. Заради големата количина на слуз која ја содржи, од коренот се подготвува густа, вискозна течност, која популарно сe нарекува салеп.

Но, не само што е мерак за душа, салепот е и мошне здрав. Напитокот со салеп ги ублажува болките во грлото и е одличен за настинка, бидејќи надразнетата слузница ја обложува со тенок слој и на тој начин го запира кашлањето. Слузта ги обложува дишните патишта во вид на филм, ги заштитува и ублажува воспаленијата и ја отстранува кашлицата. Затоа е многу ефикасен при бронхит, фарингит, ларингит, трахеит, настинка и грип.

Делува против воспаленија на слузницата од желудникот и цревата, при гастрит,чир на желудникот, дванаесетпалачно црево, дијареи, катар во цревата итн. Брзо и ефикасно лекува летни дијареи кај децата.

Се препорачува како пријатен напиток кој може да се конзумира неограничено.

А, еве како се подготвува овој зимски пијалак: 4 филџани млеко, 1 филџан шеќер, 1 голема лажица салеп во прав, 1 кафена лажичка цимет.

Шеќерот и салепот во прав се мешаат, а потоа се додава студеното млеко. Смесата треба добро да се измати со миксер за да се растопат сите грутки од шеќерот и правот. Потоа ставете ја смесата да зоврие. Откога ќе зоврие, намалете ја температурата на ринглата и продолжете да варите со постојано мешање сè додека не добиете густа смеса. Салепот е најдобар кога е густ, но внимавајте да остане во течна состојба. Сварениот салеп се сервира во филџани и се попрскува со цимет.

извор:нетпрес.ком.мк