Живот и Стил

Од бринети во русокоси: Сè што треба да знаете за оваа голема трансформација

Од бринети во русокоси: Сè што треба да знаете за оваа голема трансформација

Емилија Кларк, Ема Робертс, Скарлет Јохансон, Бијонсе и неодамна, Кети Пери – сите овие дами (и безброј други) ја променија бојата на нивната коса и се трансформираа од природни бринети во русокоси во последните неколку години (некои од нив повеќе од еднаш). И како што забележавме, тоа е прилично голема трансформација.

Ако размислувате да ја направите оваа промена за прв пат, има некои работи што треба да ги знаете однапред за да се минимизира штетата што ќе ја направите на вашата коса за време на процесот. Но, не треба да се грижите. Фризерот за славни личности и консултант, Глен Оропез, (тој е одговорен за блескавата коса на Криси Тијген) ни открива што сè треба да знаете пред да станете русокоси.

Како прво, кои се опциите за претворање на вашата кафена коса во руса?
Најчестиот процес за промена на бојата на косата од кафена во руса е двојниот систем, кој вклучува отстранување на вашата природна боја пред да ја добиете посакуваната нијанса.

Забелешка: Ако сте природна бринета која сака да се трансформира во русокоса, еден процес не е доволен за да ја постигнете посакуваната нијанса. Мора прво да ја осветлите вашата боја на коса. Друг начин да станете блондинки, е да осветлите прамени во вашата коса (шатирање или омбре), при што се користи бланш за осветлување на темна коса.

Што се случува за време на процесот?
„Преминувањето од бринета до блондинка е предизвик и често зависи од тоа колку е темна вашата коса“, вели Оропеза.

На пример, ако имате светла или средно кафеава коса, ќе треба само да ја осветлите вашата коса за степен или два. Од друга страна пак, ако имате темно кафеава коса која се граничи со црна, морате да ја осветлувате за повеќе степени.

„Осветлувањето на вашата коса предизвикува врвот на влакното да испука, при што доаѓа до ослабување на самото влакно. Затоа е многу важно вашиот стилист да користи добри производи за време на овој процес. Јас секогаш препорачувам да се користи осветлувач кој има комбинација од протеини и влажност за да ја заштитите вашата коса и за да изгледа убаво и здраво по третманот“, објаснува Опореза. „Јас исто така преферирам да се осветлува во неколку фази и секогаш да се користат пониски тонови за постепено и внимателно осветлување со цел да не предизвикаме многу штета.“

Што конкретно треба да го прашате вашиот стилист?

Доаѓате во салонот со кристално јасна идеја или уште подобро – веќе ја имате замислата од бојата и тонот со кои се надевате дека ќе ги постигнете. Вашата идеја за нијансите „пепел“ или „мед“ би можела да биде многу различна од замислата на вашиот стилист и работите лесно може да тргнат во погрешен правец. Најдобро е да појдете со фотографија, така што нема да оставите простор за погрешно толкување.

Кога сме веќе кај ова, кога барате фотографии, обидете се да пронајдете примери на луѓе кои имаат слични тонови на вашата кожа (и бојата на очи). Ова ќе ве осигури дека ќе завршите со боја која ќе ви го омекне вашиот тен, наместо да изгледате неприродно.

Оропеза, исто така, советува секогаш да го прашате вашиот стилист што реално може да се направи за еден ден. Повторно, во зависност од тоа колку е темна вашата косата и колку сакате да ја осветлите, може да бидат потребни неколку третмани за да ја достигнете саканата нијанса. Подобро е да ја осветлувате во неколку фази за да го задржите здравјето на вашата коса отколку да ѝ приредите шок на вашата коса со белилото одеднаш.

„Русата коса бара повеќе одржување отколку кафеавата, па задолжително прашајте колку често ќе треба да го посетувате вашиот стилист за да ја одржувате бојата, пред да ја направите промената“, вели Оропеза.

Како треба да се подготвите пред третманот?
„Јас строго препорачувам да не ја миете вашата коса минимум еден до два дена пред третманот“, советува Оропеза. „Природните масла од вашиот скалп ќе ви овозможат еден вид заштита и дефинитивно ќе бидете благодарни за ова кога ќе ви биде ставено белилото.“

Исто така, држете ги рацете подалеку од вашата глава.

„Сè што му правиме на нашиот скалп, чешање или триење на главата, предизвикува ситни мали микробранови што можат да ја зголемат неговата чувствителност“, објаснува Оропеза.

Во неделите што следуваат до вашиот третман, зголемете ја хидрацијата на косата. Осветлувањето на вашата коса, без разлика колку сте внимателни и вие и вашиот стилист, ќе предизвика одредена штета. Важно е да се започне со што е можно поздрава коса.

Дали постојат некои лоши знаци на кои треба да се внимава за време на вашиот третман?
„Имам слушнато многу луѓе што минувале низ кошмари, а и јас самиот си ја фарбам руса косата еднаш или двапати годишно, па сум искусил хемиски изгореници и промена на бојата во текот на годините“, вели Оропеза.

Затоа комуникацијата е клучна. Иако се очекува непријатности за време на третманот, постои разлика помеѓу мало пецкање на скалпот и целосна болка. Ако стигне до точка каде што болката е неподнослива, најдобро е да му кажете на вашиот стилист. Секогаш зборувајте, за тие да можат да ја преиспитаат ситуацијата.

Доколку мислата за изгореници од бланшот апсолутно ве заплашува, размислете за осветлување на прамени од косата. Светлите прамени или шатирањето генерално се нанесуваат подалеку од корените, со што ќе се минимизира количината на бланшот што доаѓа во контакт со вашиот скалп.

Кој е најдобриот начин за грижа на вашата коса по преминувањето во руса коса?
„Како прво, ќе си земете виолетов шампон бидејќи со доволна количина виолетови пигменти ќе ја заштитите вашата коса од избледување на бојата“, вели Оропеза. „Употребувајте го еднаш неделно или кога ќе забележите дека се појавува некоја непосакувана жолта или портокалова нијанса.“

Неколку други работи што можеби ќе сакате да ги набавите е шампон без сулфат за редовна употреба, хидратна маска (која треба да ја употребувате еднаш неделно), секојдневен производ за заштита од топлина и микрофибер крпа за коса (бидејќи редовните памучни пешкири може дополнително да ја зголемат кршливоста на косата и да предизвикаат оштетување). Мораме повторно да нагласиме, русата коса бара повеќе одржување.

Дали постои нешто друго што би требало да го знаете, пред да ја смените бојата на косата?
„Да се биде русокоса е навистина забавно и дефинитивно ќе мамите погледи по вас, но многу почесто ќе морате да одите по фризерските салони и постојано да купувате маски за коса“, се шегува Оропеза. „Како бивши русокос, можам да потврдам: Беше забавно и многу скапо искуство, но не се каам.“

За крај, не заборавајте и на овие три нешта: Горењето на скалпот се намалува со секој нареден третман, текстурата на вашата коса се менува и секогаш имајте некаква забава за време на третманот, бидејќи трае многу подолго од што можете да замислите.

Автор: Ана Патриклиева
извор:кафепауза.мк