Живот и Стил

Како да се справите со лошиот шеф на работното место?

Како да се справите со лошиот шеф на работното место?

Сите мечтаеме да имаме добар шеф, кој ќе нè мотивира, ќе ни помага и ќе нè инспирира. Но, не сме сите толку големи среќнички. Ако и вие наидовте на лош шеф, пред да отворите војна со него, потребно е да разберете која е причината за неговото лошо, несоодветно однесување.

Во продолжение ви претставуваме неколку совети како да се справите со шефот:

Поставете приоритети на задачите. Направете список со сите задачи кои ви се дадени. Во тој список вклучете го и времето и ресурсите, кои ви се потребни за да ги завршите тие задачи. Подредете ги по важност и покажете му го тој список на вашиот шеф. Побарајте негово согласување. Ако во меѓувреме добиете нова задача, консултирајте се со вашиот шеф, за тоа каде спаѓа по приоритет новата задача. Така и вие ќе си ја олесните работата, ќе бидете поорганизирани, а во истото време нема да му давате причина на вашиот шеф да се однесува лошо кон вас, заради тоа што доцните со исполнувањето на некоја задача.

Дознајте што вашиот шеф очекува од вас. Не претпоставувајте што се очекува од вас, туку дознајте. Затоа што може да се случи вие да мислите дека проблемот не е кај вас, а всушност да биде.

Воспоставете еднаков стил на работење. Сите шефови ја процесираат информацијата на различен начин. Некои се „слушачи“ и сакаат усно да ги информирате за сè, затоа што сакаат да поставуваат многу прашања. Други пак се „читачи“ и сакаат да им ја поднесете информацијата во писмена форма, за да имаат време да ја процесираат и потоа да се сретнете да ја дискутирате. Ако знаете каков стил на работење има вашиот шеф, можете да се прилагодите кон него и да ги избегнете непријатните, напрегнати разговори.

Покажете почит. Без разлика како вашиот шеф стигнал до тоа работно место и без разлика дали одговара за таа позиција или не, вие треба да покажете почит кон него. Сепак, тој е над вас и вашата финансиска сигурност зависи главно од него. Само ако имате почит кон него, можете да очекувате тој да ви врати со иста мера.

Не го критикувајте и потценувајте пред колегите. Често вашиот шеф може да не е толку упатен во работите како вие. Но, никогаш не треба да си дозволите да го потценувате заради тоа и индиректно да го понижувате пред другите колеги, затоа што така тој го губи авторитетот и сето тоа може да падне врз вас. Кога имате совет или предлог или кога сакате подобро да му ги објасните работите, не се правете паметни пред другите колеги, а направете го тоа кога сте насамо. Така тој нема да се чувствува подолу, а вие ќе ја придобиете неговата доверба.

Кога овие совети не ви помагаат и вашиот шеф не го подобрува својот однос кон вас, тогаш време е да прекинете да бидете жртва и активно да преземете нешто.

Разговарајте со вашиот шеф. Никогаш не започнувајте го разговорот, ако не сте насамо. Изберете удобно време и разговарајте отворено со него, но со почит. Посочете примери кога вие сте се чувствувале неудобно поради неговото однесување и како тоа влијае на исполнувањето на вашите обврски. Доколку вашиот шеф е професионалец, ќе ве сфати и ќе се обиде да ви го образложи неговото однесување. Исто како што може да ги подобри, овој разговор може да ги влоши вашите односи, затоа внимавајте како ќе му пристапите.