Живот и Стил

Како да го мотивирате вашето дете да ги мие забите?

Како да го мотивирате вашето дете да ги мие забите?

Грижата за запчињата на вашето детенце треба да започне уште со никнувањето на неговото прво запче. Кај повеќето бебиња тоа се случува на возраст од 4-7 месеци. Уште тогаш со помош на чисто марамче и малку вода треба да го триете запчето за да ги отстраните наслагите кои се формираат.

Навиката за миење на забите треба да се стекне уште од раното детство, но најчесто децата се незаинтересирани за одржувањето на добра орална хигиена. Затоа родителите ја имаат тешката задача да им го направат миењето на заби забавно и интересно.

Навиката за миење на забите треба да се стекне уште од раното детство

Постојат многу различни начини да го мотивирате вашето дете да ги мие редовно забите. Еве неколку од нив:

  1. Направете го миењето заби забавно. Во денешно време лесно е да го измамите вашето дете да ги мие забите, затоа што има многу продукти во весели бои кои се наменети да го освојат неговото внимание.
    • Дозволете му само да си ја избере четката и пастата. Децата ги обожаваат четките со ликови од цртаните филмови и пастите во различни бои.
    • Купете две четки – едната да ја користи наутро, а другата навечер. Така ќе му ја зацврстите навиката за миење на забите два пати дневно.
    • Создајте игри. Можете да станете и да речете „Јас прва ќе стигнам до четката и да тргнете кон бањата“. Така ќе предизвикате вашето дете да се трка со вас до четката за заби и несвесно да го натерате да си ги мие забите со вас. Или пак, може да организирате игра кој подолго ќе ги мие забите. Кога ќе изминат 3 минути, вие плукнете и со тоа ќе изгубите во играта, а вашето дете ќе стане горд победник. Така и вие ќе си ја постигнете целата, а вашето дете нема да го чувствува миењето заби како досадна обврска.
  2. Постепено учете го како да ги мие забите. Се разбира, на почетокот вие треба да му ги миете запчињата на вашето дете. Но, колку што можете порано треба да започнете да го учите како само да ја преземе оваа задача.
    • Прво дајте му четка со која ќе може да му ги мие забите на некоја од играчките (кукла, супер херој). Секогаш кога вие ќе му ги миете него забите, тоа треба да му ги мие на својата кукла.
    • По одреден период започнете да му дозволувате да ги мие вашите заби, а вие давајте му инструкции.
    • Ако сметате дека е доволно вешто, дајте му само да ги четка своите заби, а на крајот вие проверете дали си ја завршило задачата правилно и ако има пропусти, посочете му ги.
  3. Научете го да ги мие забите 3 минути. Се препорачува забите да се мијат барем 3 минути, но децата не се многу трпеливи и сакаат да завршат што побрзо. Ваша задача е да ги научите да го практикуваат триминутното четкање.
    • Користете стаклен песочен часовник. Децата обожаваат да го гледаат песокот како се спушта надолу, па неосетно ќе им поминат трите минути.
    • Пуштете музика. Најдете песничка којашто вашето дете ја обожава, а е долга три минути и пуштајте ја секогаш кога ги мие забите. Пред неколку години во Хрватска имаше кампања за поттикнување на правилното миење на забите, особено кај децата, и песната која беше користена за триминутно миење на забите беше песната „Волим осмех твој“ од Тоше и Антонија Шола.
  4. Бидете добар пример. Децата учат од своите родители, па ако вие покажете дека миењето на заби е забавно, и вашето дете ќе биде поголем ентузијаст за да одржува добра орална хигиена.
    • Секој ден мијте ги забите по два пати и дозволете му на вашето дете да дојде да ве гледа.
    • Вие како родители секогаш кога ќе одите да ги миете забите покажете дека сте возбудени. Смејте се, потскокнувајте од радост. Додека сте во бањата, правете врева, потпевнувајте. Така вашето дете ќе почувствува дека пропушта нешто интересно и веднаш ќе посака да ви се придружи.

Дополнителни совети:

  • До 2-годишна возраст на детето, не употребувајте паста за заби, освен ако тоа не ви го препорачал вашиот стоматолог.
  • Користете паста за заби наменета за деца, затоа што тие пасти не содржат големо количество флуор.
  • За секое миење кај децата, доволно е на четката да се стави паста со големина на зрно грашок.