Живот и Стил

Храна која е одлична за црвените крвни садови

Храна која е одлична за црвените крвни садови

Крвните садови се тубуларни структури преку кои се транспортира крвта до ткивата и органите. Во зависност од тоа каква крв пренесуваат, разликуваме артерии и вени. Артериите се крвни садови кои ја пренесуваат крвта богата со кислород, за разлика од вените кои ја пренесуваат крвта со јаглероден диоксид.

Градбата на ѕидот на артериите се состои од 3 слоеви: внатрешен, среден и надворешен слој. Кога во внатрешниот слој започне акумулирање на атероматозни плаки (депозит од калциум, масти, холестерол, фибрин), луменот на артеријата се стеснува и се отежнува протокот на крвта. Губењето на еластичноста и задебелување на ѕидот на крвните садови како разултат на создавање на атероматозни плаки е познато како атеросклероза.

Високото ниво на ЛДЛ (лош холестерол), ниското ниво на ХДЛ (добар холестерол) и покачениот крвен притисок се најчестите причини за создавањето на овие плаки.

Храната може да ги заштити ѕидовите на крвните садови и да го намали создавањето на атероматозните плаки.

Еве кои намирници ќе ви помогнат да го зачувате здравјето на вашите крвни садови:

ЛУК

Лук

Најпознатиот чувар на здравјето на крвните садови е лукот. Лукот го намалува нивото на ЛДЛ (лошиот холестерол) во крвта и спречува создавање на масни наслаги во крвните садови. Најновите истражувања покажуваат дека благодарение на супстанции кои се ослободуваат при дигестија на лукот, како што е водород сулфидот, крвните садови се релаксираат и со тоа се зголемува крвниот проток.

Вклучете најмалку 1 до 4 чешниња лук во секојдневното мени. Најдобро е да го консумирате сиров, но може да го додадете во супи и приготвени јадења во комбинација со разни зеленчуци и месо.

МАСЛИНОВО МАСЛО

Маслиново масло

Поради есенцијалните масни киселини, маслиновото масло успешно го намалува нивото на лош холестерол и го покачува нивото на добар холестерол. Дополнително, малиновото масло е богато со антиоксиданси и полифеноли, супстанции кои спречуваат создавање на масни наслаги во крвните садови.

ЛУБЕНИЦА

Лубеница

Освен што е вкусна, лубеницата е и чувар на здравјето на крвните садови. Ова овошје е природен извор на аминокиселнината Л-цитрулин, која помага во намалување на инфламацијата на крвните садови и намалувањето на крвниот притисок.

Затоа, секогаш кога сте во можност, послужете ја лубеницата на вашата трпеза и направете овошната салата или свежо исцеден сок од лубеница.

БАДЕМИ

Бадеми

Овие јаткасти плодови кои изобилуваат со незаситени масни киселини, помагаат во регулирање на холестеролот. Освен тоа, бадемите се богати со магнезиум, кој спречува создавање на масни наслаги на крвните садови.

Консумирајте 3 до 5 пати неделно по една рака сирови бадеми.

БРОКУЛИ

Брокули

Брокулите се богати со витаминот К, со чија помош се спречува калциумот да го оштети ѕидот на крвните садови. Покрај тоа, овој зеленчук изобилува со сулфорафан, супстанција којашто му помага на организмот да користи протеини со цел спречување на формирањето на масни наслаги во крвните садови.

Докажано е дека вклучувањето на брокула најмалку 2 до 3 пати во неделното мени, ќе помогне во прочистување на крвните садови. Најдобро е овој извонреден зеленчук да го консумирате сиров, приготвен на пареа или на скара.

ЛОСОС

Лосос

Лососот изобилува со омега-3 масни киселини кои го покачуваат нивото на добриот холестерол и се борат против создавањето на масни наслаги во крвните садови. Дополнително, лососот го регулира нивото на триглицеридите и ја намалува инфламацијата на крвните садови.

Се советува консумирање на 2 порции лосос неделно. Најдобро е да се приготви на пареа или на скара.

АВОКАДО

Авокадо

Високото ниво на лош холестерол го стимулира создавањето на масни наслаги во крвните садови. На сметка на тоа, крвните садови ја намалуваат својата еластичност и се стеснува луменот, со што се оневозможува непречен проток на крвта. Авокадото помага во намалување на нивото на лошиот холестерол со што индиректно се спречува развојот на овие процеси.

Дополнително, авокадото изобилува со витамин Е, кој помага во намалување на крвниот притисок.

Доколку сте во можност, консумирајте по едно авокадо на ден. Може да го вклучите во вашето секојдневно мени како намаз на леб или во салата.

ПОРТОКАЛ

Портокал

Научниците веруваат дека благодарение на високата концентрација на витамин Ц и полифеноли коишто во изобилство ги содржи портокалот, се прочистуваат крвните садови и се обезбедува непречен проток на крвта.

ЛЕНЕНО СЕМЕ

Ленено семе

Лененото семе е еден од најдобрите извори на алфа-линолеинска киселина (омега-3 масна киселина). Со помош на омега-3 масните киселини се намалува крвниот притисок и се прочистуваат крвните садови од масните наслаги, па затоа не заборавајте во следниот оброк да го вклучите лененото семе.

АСПАРАГУС

Аспарагус

Благодарение на богатата комбинација на минерали и витамини, вклучувајќи ги К, Б1, Б2, Ци Е, аспарагусот е една од најдобрите намирници за прочистување на крвните садови. Овој зеленчук го намалува крвниот притисок и помага во борба против разни кардиоваскуларни болести.

За максимално да ја извлечете хранливата вредност на аспарагусот, јадете го сиров или пригответе го на пареа.