Мегафон

За прв пат кај нас фестивал на најдобрите настани: ВЕАМ – Best of event awards Macedonia

За прв пат кај нас фестивал на најдобрите настани: ВЕАМ – Best of event awards Macedonia

За прв пат во Македонија ќе се организира Фестивал на најдобрите настани за годината што изминала. БЕАМ Фестивалот (Best of event awards Macedonia) е на иницијатива и во организација на Асоцијацијата на ивент индустријата ИВАП, а произлезе како потреба за мапирање на индустријата и валоризирање на работата на професионалците.

БЕАМ е фестивал кој има за цел да им оддаде признание на креативните идеи и настани, но и да се потенцира и поттикне важноста на настаните во маркетинг плановите на клиентите и компаниите. БЕАМ ја слави креативноста, уникатноста, иновативноста и вредната и напорна работа на сите актери во индустријата за организација на настани. Ваков тип на фестивали и професионални награди се пракса речиси насекаде во светот а кај нас ќе се одржува за прв пат.

Настаните ќе се одбираат во 15 категории, а ќе ги оценува жири комисија составена од искусни и докажани професионалци во повеќе сектори од креативните индустрии.

“БЕАМ се јави како потреба за валоризирање на работата на професионалците во нашата индустрија. Навистина ни е потребна една ваква манифестација каде ќе можеме да согледаме до каде сме, што работиме и дали и колку е нашата работа квалитетна. Очекуваме Фестивалот да биде поттик за подигнување на стандардите и развој на индустријата за организација на настани”, велат организаторите.

За да учествува, секоја компанија треба да го пријави својот настан со пополнување на апликација која може да се најде на интернет страната на БЕАМ – www.beamfestival.mk.

Пријавувањето трае до 20 февруари 2023 година. На страницата се објавени и членовите на жири комисијата и сите останати информации потребни за аплицирање. Доделувањето на наградите ќе биде на свечена гала церемонија кон средината на март.