Мегафон
конкурс

За “Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата“ за првпат ќе се аплицира електронски

За “Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата“ за првпат ќе се аплицира електронски

За Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2022 првпат ќе се аплицира електронски. Електронската апликација е отворена од  4-ти октомври, од 11 часот, а ќе биде затворена на 6-ти ноември во 12 часот напладне.

Од 4-ти октомври, до 6ти ноември е рокот за пријавување на Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2022 година. Рокот за пријавување е продолжен бидејќи од оваа година, за првпат, аплицирањето ќе се одвива електронски. Со тоа, ставаме крај на оние долгогодишни недостоинствени редици пред Министерството за култура – рече министерката за култура Ирена Стефоска на денешната прес-конференција по повод објавувањето на Годишните конкурси на Министерството за култура.

Електронската апликација е направена на колку што е можно поедноставен начин – посочи Стефоска и додаде дека веќе се направени и обуки во Центрите за култура низ повеќе градови и во Скопје.

Со оваа апликација се забрзува целиот процес – од пријавување до изготвување решение. Да напомнам дека со затворањето и испраќањето на пријавата, секој корисник автоматски добива архивски број на неговата е-адреса. Со тоа се избегнува метежот пред архивата на Министерството за култура, физичкото поднесување на документи и, што е многу важно, времето за евалуација на поднесените пријави се скратува за десетина илјади работни часови или во целиот процес се кратат два месеца поради досегашното рачно заведување на пријавите – рече министерката за култура Стефоска.

Министерката за култура низ бројки ги презентираше придобивките од електронската апликација.

На последниот конкурс имавме над шест илјади пријави. Секоја поединечно, рачно се заведуваше во архивата. Секоја од тие 6000 пријави рачно се проверуваше дали е комплетна. Потоа, секоја од тие 6000 пријави рачно се проверуваше дали соодветствува на поставените услови по дејност и секоја пријава рачно се внесуваше во компјутер. Така минуваа 60-ина дена само за таа процедура. Сега тоа е минато и е направено во полза, пред сè, на оние што конкурираат. Она што е особено важно е дека електронската апликација ја елиминира можноста за злоупотреба, односно да се менуваат или да се додаваат документи откако е завршено пријавувањето. Со тоа го елиминираме и секој сомнеж за евентуално коруптивно однесување при овој процес – појасни Стефоска.