Вистаграм

Прошетка низ светот со инстаграмџиката Сандра Кирков

Прошетка низ светот со инстаграмџиката Сандра Кирков

Запознајте ја Сандра Кирков, чија работа е да патува низ светот. Таа е амбициозна и упорна во своите цели и веќе 7 години живее во Дубаи и работи за Fly Emirates. Ако ја прашате како ги минува своите денови, таа ќе ви каже дека половина од месецот е во авион, а другата половина во барем 7 различни градови ширум светот. Прочитајте го нашиот разговор со неа и уживајте во нејзините неверојатни фотографии!

1. Твојот стил е навистина впечатлив. Од каде црпиш инспирација за секојдневните модни комбинации?
Интернетот ни овозможува да бидеме во тек со сите модни настани и да можеме да го одбереме тоа што нам најмногу ни прилега. Секако шансата да патувам низ целиот свет ми дозволува поголем избор, а тука се и големиот број познати блогерки коишто ми се секојдневна инспирација.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sandra (@sandra_kirkov) on

2. Облеката без сомнение има големо влијание на првиот впечаток. Какви совети би им дала на нашите читателки за да го остават најдобриот прв впечаток, како во приватниот, така и во професионалниот живот?
Секој човек треба да има свој стил, нешто по што е препознатлив. За првиот впечаток нема втора шанса, така што сите треба да обрнеме внимание на тоа како сме облечени во секое време, почнувајќи од одењето на работа и на кафе, па сè до вечерните излегување со пријателите. Во денешно време сите доаѓаат во ситуација да бидат искритикувани или пофалени, па затоа следете ги модните трендови, кои бои се актуелни за сезоната, и најважно од сè, секогаш чувствувајте се убаво во тоа што го носите.

3. Патувањето е голем дел од твојот живот. Што значи за тебе можноста за постојано патување и како ги планираш сите овие авантури за максимално уживање во секоја дестинација што ќе ја посетиш?
Патувањата ми се најголемата мотивација и на секое од нив учам по нешто ново. Самата работа е доста напорна, пред сè поради промената на временските зони и неспиењето, па затоа секогаш морам сè да испланирам однапред. Обично 2-3 дена пред да патувам пребарувам на Инстаграм и на Гугл што треба да посетам – од ресторани и музеи, до продавници и паркови. Во зависност од тоа колку време останувам во одреден град, правам детален план од каде ќе почнам за да бидам сигурна дека ќе стигнам сè да завршам. Секогаш имам планер со мене и генерално секогаш успевам да стигнам секаде.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sandra (@sandra_kirkov) on

4. Навраќајќи се наназад на твојата патувачка кариера, кои 3 места во светот ти оставиле најголем впечаток и зошто? И дали постои некое место на планетата Земја коешто би го посетила во истиот овој момент доколку можеш, без разлика дали веќе си била таму или не?
Би ги издвоила Лондон, Сингапур и Рим како моите 3 најомилени места. Не знам точно колку пати сум ги посетила, но знам какво чувство ми будат секој пат кога ќе се вратам таму. Тоа се градови што не умираат, што имаат душа во себе и што се полни со случувања. Веројатно секој од нас си има некое место каде што му е најубаво и би одел таму уште 100 пати, а за мене Лондон е тој град. Единствено таму не сум посетила сè што сум сакала, бидејќи има толку многу да се види и да се прошета, но се надевам дека со секое повторно враќање ќе успевам да откривам нови работи, нешта што би биле интересни и за мене и за вас.

5. Лесно се забележува дека страста за патувањето и модата одамна постои во твојот живот, но што е со фотографијата? Кога реши да ги споиш овие три активности во едно и да почнеш да водиш блог?
Љубовта кон камерата ми се појави уште пред 12 години, додека бев на факултет во Дубровник. Тогаш го купив и првиот професионален фотоапарат. Пред 2-3 години решив да го отворам профилот на Инстаграм за да можам да споделувам фотографии од патувањата со најблиските и да запознавам нови луѓе коишто ги интересира истото. И презадоволна сум, успеав да создадам пријателства со многу убави луѓе.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sandra (@sandra_kirkov) on

6. Единаесет илјади следбеници на Инстаграм не е мала бројка. Што според тебе е тајната на твојот успех и каков совет би им дала на новите инстаграмџики коишто исто така сакаат да се пробијат на модната сцена?
Упорноста е клучен дел од успехот. Ниту еден почеток не е лесен, па така ни овој. Од самиот старт одлучете се каков ќе ви биде блогот, дали за патување, за храна, за фитнес, за мода… и држете се до тоа. Луѓето ќе ве научат и ќе се враќаат на вашиот профил токму поради тоа што го објавувате. На пример, тие ќе отворат прво кај вас ако сакаат да дознаат каде има добар бургер или пак, кои места треба да ги посетат во Париз, ако веќе знаат дека вашите објави ќе им помогнат. Не плашете се да стапите во контакт и со брендови или агенции за соработка бидејќи тоа само може да ви донесе заработка. Дури и да ве одбијат, не губите ништо. И секако, бидете интересни, уникатни и позитивни!

извор:кафепауза.мк