Мегафон

Викендов се одржува „Макфест 2021“ во Штип: Организаторите ветуваат нови хитови и низа изненадувања

Викендов се одржува  „Макфест 2021“ во Штип: Организаторите ветуваат нови хитови и низа изненадувања

По триест и шести пат во Штип викендов ќе се одржи „Макфест“. Ќе изобилува со новини ова фестивалско издание закажано за 17-ти и 18-ти септември.
Дваесет и шест нови композиции, сместени во две фестивалски вечери ќе одекнуваат и оваа годино на отворено. Покрај тоа што организаторот гарантира нови хитови и добра забава, најавени се низа изненадувања и нови водители.

„Макфест 2021“ на првата вечер ќе понуди дванаесет песни, а вечерта ја отвора Калина Велковска со темата насловена „Четири“, а е дело на Сара Мејс.

Уметничкиот директор на фестивалот Владимир Дојчиновски, кој воедно четврта година по ред фантастично си ја одработува својата задача, на прес конференцијата им порача на изведувачите да се фокусираат на изведбата и истакна дека најдобриот ќе победи.

 

Втората фестивалска вечер ни носи 14 нови композиции, а ќе се изведат и 5-те најдобро пласирани нумери од првата фестивалска вечер.

Ќе уживаме во гласовните способности на девојката која два пати триумфираше на фестивалот – Александра Јанева, настапуваат „Интервали“ кои го имаат десетиот настап на „Макфест“, Мартинијан Кириловски кој веќе сто пати се докажа пред штипската публика, хитмејкерот Роберт Билбиров кој во својата архива награди има многу макфестовски, Евровизиските претставници „Ај Кју“, Ѓоко Таневски, но и оние поновите имиња кои нижат радиски хитови периодов како Лара и Филип Пешевски.

Ревијалниот дел пак, без исклучок ќе ги разигрува нашите тела, души, емоции – се препуштаме на „ Тумбао салса бенд “ првата, а втората вечер боемски ќе живееме (барем некој час) со Александар и Дац.