Мегафон
концерти

Традиционалниот концерт на Филхармонија во Градскиот парк, годинава посветен на Чарли Чаплин

Традиционалниот концерт на Филхармонија во Градскиот парк, годинава посветен на Чарли Чаплин

Оваа година, традиционалниот концерт на отворено во Градскиот парк му го посветивме на генијалниот Чарли Чаплин, велат од Филхармонија.

На 24 јуни, со почеток во 21 часот,  во Градскиот парк, оркестарот на Филхармонија под диригентската палка на Џијан Емин ќе го изведе концертот насловен „Лудориите на Чаплин“.

Оркестарот ќе ја свири музиката од филмот „Детето“ од 1921 година, а паралено ќе оди и проекција на истоимениот филм.

Со својата неверојатната умешност преку превезот на комичното да детектира и презентира различни човечки состојби и емоции, Чарли Чаплин целосно ја трансформираше светската кинематографија. Посебно во жанрот на комедијата на која и даде сосема нова естетска и социјална димензија.

Неговите комедии се сплет од комедија и длабоки емоции, и се фокусираат на важни аспекти од секојдневниот живот. Со други зборови, можеби неговите филмови се смешни бидејќи носи големи чевли и тесно палто, но зад ликот на Скитникот и неговите авантури се крие трагичноста на социјалниот живот на времето во кое биле создадени.

Со таа трагичност, скриена зад превезот на комичното, публиката можела целосно да се идентификува за време на исклучително тешкиот период на Големата депресија во САД.

Таков е и неговиот филм “Детето”. Спој на трагично и комично, на длабоки емоции вешто проткаени во наративот на приказната.