Радио Милева
Камбек

Тони Зен: „Се враќам на македонската музичка сцена бидејќи тоа и го должам на публиката“

Тони Зен: „Се враќам на македонската музичка сцена бидејќи тоа и го должам на публиката“

По пауза од подолго време на македонската музичка сцена повторно се враќа човекот кој пред десетина години беше еден од најслушаните изведувачи на домашната музичка естрада.

Тони Петковски, во јавноста познат како Тони Зен, има нов сингл со наслов „Планот“ – Во ова време – невреме за сите уметници, тој одлучи повторно да го прави она што најдобро го знае, а тоа е музиката. Ново време, нови визии, нови цели.

-Целата приказна почна од поривот и љубовта за творењето. Се инспирирав од музиката и поддршката на моите пријатели и соработници Нино Васков и Ики, со кои работевме долги години. Идејата со оваа песна е дека сето она што ни било зацртано низ времето го остваруваме и прикажуваме на ваков начин, затоа што ова ни е задача и љубов од многу одамна. Се чувстувам должен кон публиката бидејќи долго време бев отсутен, ова враќање е токму за нив, инспириран од младите, но секако и од постарите артисти, музиката мора да продолжи без оглед на се. Сакам да се претставам на наш, македонски начин. – вели Тони Зен.

Музиката, аранжманот, миксот и мастерот го направија Илија Цветковски – Ики и Нино Васков, а за видео записот одговорен е Огнен Шапковски – „Мелем продукција“.

Она што е добро да се знае е дека Тони Зен потпиша три годишен договор со „Прагма продукција“ – продукција која знае како да работи и која ќе стои зад секој негов професионален ангажман. Неговата агенда со настапи е веќе преполна, го очекува богата летна турнеја, а дел од истата ќе биде и „Мандра фестивалот“ во Дојран каде ќе настапат големи музички имиња, вклучувајќи го и Тони.

Веќе во сабота, на 2-ри јули, со Тони ќе имате можност да се дружите во Градскиот парк на „Crazy summer festival“.

Премиерата за новиот сингл „Планот“, ќе се случи денес во 20ч на официјалниот „Youtube“ канал на Тони Зен.

фото:Стефан Рајхл и Иван Богоевски

Останати вести од Радио Милева