Мегафон
хит претстава

Скопје, Струмица и Битола… Лане Гутовиќ како Среќко Шоиќ со „Украдена личност“ на мини турнеја низ Македонија

Скопје, Струмица и Битола… Лане Гутовиќ како Среќко Шоиќ со „Украдена личност“ на мини турнеја низ Македонија

Откако билетите за првата претстава буквално пламнаа за неколку дена, познатиот срспки актер Милан Лане Гутовиќ најавува свое враќање пред македонската публика… Тој со неговата хит престава Украдена личност повторно ќе ги дружи скопјани и тоа на 19 февруари во Домот на АРМ. Омилениот Среќко Шоиќ, ќе се дружи и со својата публика во Битола на 20 февруари во НУ Центар за култура, како и во Струмица на 22 февруари во НУЦК Антон Панов. Сите престави почнуваат  од 19.00 часот, а билетите се пуштени во продажба онлајн преку сервисот mktickets.mk, Југотон ГТЦ, како и во продажните салони на Сара Фешн во Струмица и Битола…

Претставата „Украдена личност“ е приказ на моралната слика на практичната, модерната и приспособлива личност за која условите за постигнување на личните цели се невообичаено лесни. Истите овие услови што нему му се лесни, за друга личност би биле целосно неприфатливи бидејќи тие значат понижување и морална пропаст. Со спретност и дух на селски пробисвет, овој лик се приближува до Европската Унија како кандидат за претседател во својата земја.

Нему ниту еден поставен услов не му е воопшто тежок за исполнување бидејќи ништо од тоа не го чини. Понудата за него е целосно прифатлива, а колаборацијата тој ја нарекува соработка. Диктирајќи ја неговата понуда за претседател, тој со сета нејзина искривоколченост открива дел од личноста што го прават интересен на сцена. Сè што зборува е со леснотија, со измама, вешто ја искривува реалноста и се приспособува на моментот, а сето ова го прави виртуозно со невиност, што одвреме-навреме станува слично на невиноста на едно кротко животно.

Сепак, се чини дека овој став е премногу сериозен за веселата и лесна претстава што ве очекува. Таа можеби ќе биде завеса што може да ги покрие некои од сличностите на овој лик со актуелните луѓе што сомнително ги красат нашето време во овој  тежок политички момент за Македонија. Во претставата игра Милан Гутовиќ, а неговите текстови се напишани потпирајќи се на текстот на Миленко Вучетиќ (Бараба). Во претставата ќе го слушате и валцерот на Штраус. Организатор на претставите е „Бекстејџ медија“.