Живот и Стил

Што се јаде на Богојавление – Водици: Домаќинките најчесто служат пача или пивтија

Што се јаде на Богојавление – Водици: Домаќинките најчесто служат пача или пивтија

На празникот Богојавление – Водици, традиционално се јаде пача или пивтија. Инаку, главно, пачата или пивтијата, се подготвува за Крстовден, кога обично се пости, а се јаде на Богојавление во чест на крштевањето на Исус Христос. Пачата исто така е дел и од празникот, славата Свети Јован.

Рецепт и потребни состојки

Рецепт за пача кој можете  да го направите и да го одбележите празникот на вашата трпеза се состои од следниве состојки.

3 суви и 3 свежи свински нозе
– 2 пара свински уши
– 3 свински опашки
– 1 свинска коленица
– 1 телешка нога
– бибер во зрно
– сол
– 4 чешниња лук

Начин на подготовка

Сите состојки убаво исчистете ги и ставете ги во поголемо тенџере. Зачинете ги по вкус и прелијте ги со околу литар вода. Вклучете го шпоретот на тивок оган и варете ги сите состојки до пет часа (во зависност од тоа колку е старо месото). За време на готвењето, задолжително, одвреме-навреме, собирајте ги маснотиите и пената што се собираат на површината.

Дека пачата е зготвена ќе знаете со тоа што ќе видите дека месото само отпаѓа од коските (земете едно парче, па ако месото само ви се лизне, пачата е готова), а течноста станува леплива. Тогаш тргнете го тенџерето од оган и оставете го настрана да се излади. Ако маснотиите сè уште се собираат на површината, отстранете ги.

Изладената смеса потоа процедете ја низ густо сито, а месото и коските се оставете ги настрана и исечете ги на саканите парчиња. Потоа, исечканото месо наредете го во подлабоки чинии, одозгора исечкајте лук и во секоја чинија сипете ја процедената течност.

Вака подготвените пивтии оставете ги на тераса или во фрижидер добро да се изладат. При сервирање пивтијата можете да ја посипете со лута пиперка, буковец  или црвен пипер.

Наздравие и нека е за Многу години празникот. Бог се јави – навистина се јави.