Мегафон

Се одржа деветтиот поетски фестивал “Балканска вечер на поезијата” во Скопје

Се одржа деветтиот поетски фестивал “Балканска вечер на поезијата” во  Скопје

На 27 септември, во Дом на културата” Кочо Рацин”, Скопје, со почеток во 19:00 часот се одржа деветтиот  поетски фестивал “Балканска вечер на поезијата”. На деветтиот по ред поетски фестивал  ” Балканска вечер на поезијата”- Скопје, учествуваа поети и поетеси кои кога пишуваат светот околу себе го гледаат со отворени очи и со слободно срце. Од нивните поетски атари се излеваат стихови на нивиот мајчин јазик, но и на македонски јазик.

Преку мостот воспоставен преку јазиците би го разбрале и почувствувале тоа што е излеано од нивните души на белите листови од хартија. На Фестивалот се рецитираа стихови на македонски, албански, босански, турски, хрватски, ромски, влашки и српски јазик. Овие песни носат идеја за зближување на народите и поттикнување на соживотот, а со тоа сме ја постигнале и нашата главна цел за мултикултурната разноликост. Ова шаренило од јазици со мозаички поетски слики од афирмирани поети, се одржува по повод Меѓународниот ден на Бошњаците, во организација на Младинската културна асоцијација на Бошњаците – „Шадрван“.

На овој настан секоја година учество земаат поетите од сите национални заедници што живеат под нашето македонско сонце. Затоа, нека оваа ” Балканска вечер на поезијата”- биде поттик и за понатаму да се осознаеме едни со други, да ја почувствуваме љубовта и тагата на нашиот ближен, да ја споделуваме радоста и среќата и да се подготвиме за творечката сеидба на следните изданија. Во склоп на оваа ” Балканска вечер на поезијата”- беше промовирана и поемата „Зулија“, од Бајро Перва (БиХ), која е преведена на македонски јазик. Ѕидовите на холот во Дом на културата” Кочо Рацин”  ги красеа уметнички слики од сликари-аматери.