Радио Милева
„кој пее, зло не мисли“ или не е баш така?

Хитот на Лозано украден од косовски пејач: „Километри“ заврши на Косово па на фестивал во Албанија, како песна од туѓ автор! (ВИДЕО)

Хитот на Лозано украден од косовски пејач: „Километри“ заврши на Косово па на фестивал во Албанија, како песна од туѓ автор! (ВИДЕО)

Косовскиот пејач Кораб Шаќири ја украл музиката од песната „Километри“, која е еден од најголемите хитови на во моментов најпопуларниот македонски пејач, Влатко Лозаноски – Лозано.

Овие написи осамнаа во неколку македонски медиуми, откако песната со наслов „Феномен“, отпеана на албански јазик беше „откриена“ на интернет каналот Јутјуб, а при нејзиното преслушување станува повеќе од јасно дека неодоливо потсетува на хитот на Лозано.


Познато е дека автори на песната кај нас се  композиторот Лазар Цветковски – музика, додека стиховите ги напиша неговата сестра Магдалена. Но, со нејзината копија или поточно „плагијат“  косовскиот пејач се натпреварувал на најреномираниот музички фестивал во Албанија – „Kenga Magjike“.

И ништо во тоа не би имало страшно доколку претходно истиот не ги прашал за одобрение или не ја откупел песната од македонскиот братско-сестрински авторски тандем Цветковски.

Вака, за срамот да биде уште поголем за косовскиот пејач, а неговиот чин окарактеризиран како класична „интелектуална кражба“, е фактот што во описот на песната стои дека токму тој заедно со извесен Флорент Бошњаку се автори на оваа нумера.

Факт е дека „Феномен“ личи како „брат близнак“  на „Километри“, колку и да е „секоја сличност случајна“. Оваа, по се’ изгледа ќе да е „намерна“!

Затоа Вистина.ком.мк  го побара композиторот Лазар Цветковски за мислење и коментар. Тој ни одговори дека заради презафатеност со снимањата и густиот распоред на терминити во студиото, не стигнал да ја преслуша „позајмицата без покритие“, но дека ќе го стори тоа, па ќе го каже своето мислење и ќе ни одговори на прашањето дали се работи за „класична кражба“ и ќе има ли случајот судска разрешница?

Инаку ова не е прв случај „странци“ да „позајмат без прашање“ музичко авторско дело на македонски композитор или пак песна која ја испеал македонски пејач.

Во најсвежо сеќавање ни е последниот случај во јули годинава, кога  се откри дека рускиот поп-рок бенд „Земљане“ наводно го украл некогашниот голем хит „Боже, чувај ја од зло“ на  македонската поп икона Тоше Проески, а нивната верзија носи наслов „Боже“!

На руската верзија како автори беа потпишани  Владимир Трушин – музика , додека за стиховите бил задолжен Владимир Киселев, наместо вистинските автори Миро Буљан кој е композитор и Антонија Шола која е текстописец на оригиналот!

Но, остана мистерија дали се работи за дрска „интелектуална кражба“ од страна на Русите или  за „интелектуална трговија“ помеѓу нив и Хрватските автори, кои можеби им ги продале правата?

Години наназад пак беше познат спорот на нашиот доајен меѓу композиторската фела, Григор Копров и светски познатата и популарна музичка ѕвезда, шпанскиот пејач Хулио Иглесијас, чија песна Kопров тврдеше дека е украдена од него, од страна на композиторот на Иглесијас. Следуваша најава за судски спор или спогодба по пат на медијација. Копров подоцна тврдеше дека е задоволен од исходот, без пточно да прецизира што, кога, како и со кого се судел или договорил и за која сума!?

Дали помеѓу нашите автори Лазар и Магдалена Цветковски и косовскиот „Феномен“ од пејач, во случајов потпишан како автор – Кораб Шаќири ќе има судски спор или само „џентлменски договор“ со некакво обесштетување, останува да видиме?!

Во меѓувреме, преслушајте ги уште еднаш двете верзии и направете самите споредба и проценка:

Останати вести од Радио Милева