Радио Милева
менува статус?

Глумецот Жарко Димоски дефинитивно „сврте друг лист“ во животот: Најпрвин од ерген – сопруг, а сега од актер – пејач! ( ВИДЕО)

Глумецот Жарко Димоски дефинитивно „сврте друг лист“ во животот: Најпрвин од ерген – сопруг, а сега од актер – пејач! ( ВИДЕО)

Македонскиот актер од „Театар Комедија“, Жарко Димоски 2020 година ќе ја памети по многу нешта. Не, не само заради корона пандемијата и принудното „седење дома“ на уметниците, туку заради останатите работи  што на приватен план му се случија.

Да ве потсетиме дека на почетокот на месец август 2020 год. тој официјално заплива во брачните води со неговата свршеница, а сега сопруга Андреа Јосифова. Венчавката на Жарко и Андреа се случи на уште понеобично место во Ровињ, Хрватска, каде магијата на Јадранот ја преточија во почеток на една поинаква, заедничка животна бајка.

Но, по се изгледа Жаре не застана тука со изненадувањата, иако оние кои добро го познаваат уште подобро знаат дека пеењето за актерот не ниту ново, ниту непознаница. Напротив, Жарко Димоски колку добро глуми, толку добро и пее. Всушност, оние кои гледале некои од неговите театрски настапи и преставите во кои се пее знаат дека тоа е така. Жаре особено се истакна за време на карантинската криза кога Театар Комедија на својата „вонредна сцена“ на репертоар имаша чисто музички онлајн настапи на своите актери, со кои им го разубавуваа и разведруваа секојдневието на граѓаните.

Освен тоа, новопечениот младоженец своите вокални квалитети ги покажал и докажал и како член на музичкото трио  „Equilibrium“, составено од двајца музичари и еден актер: Жарко Димоски – вокал, Димитар Михајловски-виолина и Александар Стојчески-пијано.

Тие додека траеше корона изолацијата и карантинот, во почетокот на месец мај годинава  ја преработија безвременската италијанска тема „Карузо“.

Но Жаре, музиката по се’ изгледа како и љубовта, полека, полека почна да ја сфаќа многу посериозно, па ако првата емоција и страст ја круниса со брак, оваа втората, (ќе) ја круниса со фестивалски настап настап на годинешниот „Макфест 2020“ што ќе се одржи престојниов викенд, на 18 и 19 септември и тоа за прв пат на отворено, на градскиот плоштад „Слобода“ во Штип.

„Чест ми е да објавам дека конечно ќе се појавам во улога на пејач. Оваа сабота (19 септември) на фестивалот Макфест во Штип за прв пат ќе настапам со песна, за чија мелодија и аранжман се погрижи маестралниот Валентино Скендеровски, а текстот е на мојата маленкост. Се потрудивме да бидеме ведри и позитивни во ова време-невреме. Вие ќе кажете дали сме успеале во тоа. Stay tuned и се слушаме во сабота! Фестивалот ќе започне во 20:30ч, а преносот ќе биде на МРТВ“ – обзнани актерот на Фејсбук, повикувајќи ја публиката да го гледа и фестивалот и неговиот настап.

Епа, гледајте го и гласајте за Жаре, зашто кој да знае… Ако му тргне како во љубовта, можеби и во професијата ќе смени статус!

Останати вести од Радио Милева