Радио Милева
свадба е голема...

Среќни луѓе: Драган Вучиќ стана свекор – син му Мартин се „врза“! (ФОТО)

Среќни луѓе: Драган Вучиќ стана свекор – син му Мартин се „врза“! (ФОТО)

Драган Вучиќ и неговата сопруга, радиоспикерката Весна, добија снаа. Нивниот син – единец, музичарот Мартин Вучиќ завчера, петок, 8 јуни 2018,  направи гламурозна свадба со својата избраничка Сања во ресторанот „Ла Тана за свадби“ во Скопје.

Поранешниот поп пејач, а денес музичар на ударни инструменти – член на  Македонската филхармонија, на свадбената веселба собра и дел од естрадата и познати лица од шоу бизнисот, како и голем број на јавни личности, со кои го прослави почетокот на заедничкиот живот со долгогодишната девојка Сања.

Во 2005 година, тој ја претставуваше Македонија на Евровизија во Киев – Украина, со песната „Make My Day“каде успеа да обезбеди влез во финалето.

Пред седум години, тој одржа успешен концерт во Универзалната сала наречен „Песни за душа“, каде што изведе повеќе стилизирани, традиционални македонски песни. Дел од нив, тој му ги посвети на својот дедо од страна на мајка му, легендарниот музичар на народни инструменти, Пеце Атанасовски.

Мартин  пред петнаесетина години го отпеа хитот „Рано е да се врзам“ кој потоа стана еден вид на химна на момчињата кои не брзаат да стапат во брак или сериозна врска. Музичарот кој никогаш не зборувал јавно за својот приватен живот,  сега ќе изјави:

„Долгогодишната врска со Сања ја крунисавме со брак, во присуство на многу роднини, пријатели, драги гости. ‘Рано ми е да се врзам’ отиде во историјата, бидејќи јас веќе поодамна се врзав со љубов“.

Меѓу највеселите свадбари секако, свекорот Вучиќ-сениор, кој засвири на својот инструмент – бас гитарата и запеа, а во една од турите друштво му правеше и Бени Шакири, кој со сестра му Нора и семејствата беа дел од многуте гости на свадбената веселба на Вучиќ.