Радио Милева
химна на совеста

Битолската џез пејачка Стефанија сними видео со кое и ги отвори очите на јавноста: Навидум поразлични, а всушност толку исти! (ВИДЕО)

Битолската џез пејачка Стефанија сними видео со кое и ги отвори очите на јавноста: Навидум поразлични, а всушност толку исти! (ВИДЕО)

Стефанија Милевска  на јавноста и е позната како дипломирана џез вокалистка која живее во Битола. Таа неодамна сними нова песна отпеана на англиски и македонски јазик: „Еј ти, слушај“ (Hey You, Listen) како и документарен филм, кои се посветени на нејзиниот прерано починат брат, кој бил болен од целебрална парализа, а воедно и на сите лица со било каква попреченост.

Песната која неодамна беше промовирана заедно со документарецот беше проследена со видео и во тоа не би имало ништо необично доколку протагонистите кои учествуваат во него  не се токму лица со различен вид на попреченост од Битола, Скопје и Белград, придружувани од  танчари, пејачи и изведувачи од центарот Анастасија  од Битола.

Една ретка, можеби и единствена идеја кај нас, во која се спојуваат уметноста и хуманоста во едно, а од друга страна се буди свеста на јавноста дека лицата со попреченост се луѓе како и сите други, способни да се вклучат во сите сегменти на животот и оштеството, вклучувајќи ја и музиката и уметноста воопшто.

„Моето растење покрај брат со церебрална парализа значеше будење со насмевка и безрезервна љубов. Како личност која има почувствувано на своја кожа што значи да имаш најблизок со некаква попреченост, добив потреба да го споделам тоа со светот. Сметам дека свесноста може да се подигнува само доколку гласно се зборува и јасно се претставува самиот проблем.

Инспирирана од брат ми Игор, кој имаше Церебрална парализа и на триесет и осум години го напушти овој свет, решив да направам едно дело кое ќе зборува во името на многу луѓе кои сакаат да кажат нешто. Претходно сакав да го снимам него затоа што тој секој ден кога ќе се разбудеше ме поздравуваше со насмевка. Не можеше да зборува, но можеше да се смее. Кога започнав да се грижам за него, после моите студии, сфатив што значи да се има лице со посебни потреби во самата фамилија. Тоа всушност било моето будење и доколку сум го немала Игор покрај мене, јас можеби немаше ни да бидам на ова ниво на свесност, па да зборувам и на оваа тема“ – ќе напише Стефанија на својот Фејсбук профил на социјалните мрежи.

„Hey You, Listen!“ е дело кое всушност  зборува во името на сите души кои сакаат да кажат нешто повеќе за самиот живот, за сите кои што се на маргините, сите кои што се едноставно се поразлични од другите, а сакаат да потенцираат колку се исти. За лицата со попреченост, за лицата кои сакаат да кажат се, односно нивното се’ е љубов.

Учество во спотот земаат лица со различни попречености (слепи, глуви, со Даунов Синдром, церебрална парализа, пречки во развој, аутизам…) од Битола , Скопје и Белград (професионални глуви танчери, КУД на глувите од Белград, „Радивој Поповиќ“) и артистите (танчери, пејачи, изведувачи) на Анастасија Центар.

Песната и документарниот филм „Hey You, Listen!/Behind the Scenes“ (Еј ти, слушај/Зад сцената) на тема подигнување на свеста кон лицата со попреченост и развивање на емпатија како што споменавме е посветен на најстариот брат на Стефанија, Игор Милевски, кој починал на возраст од 38 години.

Проектот е  продуциран од Welcome to Stefanija’s Music World“ (Добредојдовте во музичкиот свет на Стефанија), во кој самата Стефанија се претставува и преку него реализира како пејачка, композитор, таначарка, кореограф, изведувач, музички продуцент… со еден збор – мултимедијална личност!