Промотер

Влатко Лозаноски емотивно го преслика мозаикот на животот во – „Мајко“ (ВИДЕО)

Влатко Лозаноски емотивно го преслика мозаикот на животот во – „Мајко“ (ВИДЕО)

Влатко Лозаноски, вчера, (11.03.2029) го издаде синглот насловен „Мајко“, стандардно промовирајќи ја песната заедно со видеоспотот, кој само што осамна во етерот нанижа лавина  ласкави коментари под објавената песна на интернет каналот Јутуб.

„Не си нормален човеку! Повели круната е твоја“; „Нов хит на повидок, секоја чест легендо“; „Која од која песна, се во поголем хит прераснува“–  се само мал дел од пофалните фрази кои осамнаа не само од македонските обожаватели, туку и на оние од регионот, кој Влатко почна да го освојува собирајќи го признанието најпопуларен изведувач токму од овој наш екс ЈУ регион, на неодамнешното доделување на оскарите на попоуларноста во Бања Лука.

Емотивната „Мајко“ и овој пат ја потпишува незаменливиот братско-сестрински тандем од авторкиот тим на Влатко, композиторот Лазар Цветковски и неговата сестра Магдалена – Ена, додека исто толку моќното видео е изработено од режисерот Даниел Јовески.

Добитничката комбинација огледана во певлива поп мелодија зачинета со шмек на дозиран балкански фолклор и мирис етно компоненти од регионот, фузирани со емотивните стихови отпеани од сугестивниот вокал на Лозано, поткрепени исо одличниот аранжман и продукција, и овој пат „Мајко“ ја прави фаворит на прво слушање. Еден вид логично продолжение на одличната „Километри“, кое како и таа, штом ја слушнете  предизвикува бура од емоции и море од лични чувства, чии бранови нежно, а во истовреме силно ве заплискуваат милувајкќи ви ги ушите и гребејќи ви ја душата.

Видеото само и дава печат и потврда на звучната слика која е доволно силна сама по себе, а со нејзината визуелизација прераснува во аудиовизуелна слика на парче од животот… На Лозано, мое, твое, на секој од нас! Сликата е иста… Само мозаикот кај секој од нас е различен!

И додека со нетрпение го чекаме претстојниот голем солистички концерт на Лозано, во моментов без сомнение најголемата македонска машка поп ѕвезда, а можеби и воопшто, проследете ја „Мајко“ која ќе ве прошета и низ Вашиот времеплов на животот.