Промотер

Слаткаристика и бугарската пејачка Гери Никол заедно во – „Гледај ме“ (ВИДЕО)

Слаткаристика и бугарската пејачка  Гери Никол заедно во – „Гледај ме“ (ВИДЕО)

Марко Маринковиќ, алијас Слаткаристика продолжува со својата хиперпродукција. Штанцањето нови песни очигледно му оди од рака со леснотија, па Слаткар продолжува со домашните и  интернационални  дуети со повеќе или помалку познати изведувачи… Од „негови деца“ како Таско или „2 Бона“ до српско-грчко-бугарски музички соработки за добрососедство, малку поголема популарност за тезги по Софија, Варна или Банско… и заработка на некое левче, денарче или евро повеќе. Што од настапи по плоштади и клубови, што од спонзорај.

Како и да е, во овие „шугави времиња“  Слаткар сепак има нова песна и тоа заедно со бугарската пејачка Гери Никол. Атрактивната убавица која на нивната сцена се  појави во франшизата од бугарската верзија на познатото музичко талент шоу “Х-Фактор“ во 2014 година, каде беше дел од тогашнта женска тинајџерска атракција, групата „Sweet 16“, каде „под свое“ ќе ја  земе познатиот бугарски рапер Криско. Останатото е помалку или повеќе познато, откако Гери ќе започне успешна соло кариера.

Слаткаристика токму во дует со неа или поточно со заедничка песна насловена „Гледај ме“ ја продолжува својата соработка со бугарските музички артисти. Кој кому му гостува на песната е друго прашање, зашто Слаткар се појавува едвај само во првата минута од песната и видеото. Но како и да е, тоа што го нуди македонско-бугарското дуо изведувачи, стилски не е далеку од рамките на веќе познатото, веќе слушнато и видено од обајцата.  И музички и визуелно.

Комплот од „рам-пара-рам“ битови, скокотливи стихови, провокативни кадри, до душа со умерена голотија и претерано интегриран маркетинг…

„Електронската цигара“ и обајцата ја пушат. Апла реклама, ама спонзорските пари се повеќе од слатки, зашто во корона пандемијата и дефицитот на настапи,  само тие и останаа…

Музиката е заеднички потпишана од Гери Никол и Слаткаристика,  текстот го пишувале Анастасија Мавродиева и Росен Димитров, надополнети со стиховите на Гери и Марко. Режисери на видеото  се Георги Салпаров и Симеон Михалков, додека аранжманот, миксот и мастерот, вообичаено ги изработил Иван Јованов – Ивајо.

Како сето тоа звучи и изгледа спакувано во „Гледај ме“ можете да го проследите од видеото во продолжение:

Останати вести од Промотер