Промотер

„Саундчек“ дебитираат со „Одведи ме во сонот“ (ВИДЕО)

„Саундчек“ дебитираат со „Одведи ме во сонот“ (ВИДЕО)

Гостиварскиот поп-рок состав  „Саундчек“ (Soundcheck) својата приказна ја започна пред речиси пет години, настапувајќи низ бројни кафулиња и клубови ширум земјава и изведувајќи преработки на хитови од други изведувачи. Откако се стекнаа со богато искуство во музичките води, момците сега започнуваат ново поглавје во својата кариера, па деновиве ја промовираа својата прва авторска песна насловена „Одведи ме во сонот“.

Станува збор за навистина одлично музичко парче од екипата составена од вокалистот Давор Карафилоски, перкусионистот и тапанар Никодин Велјаноски и гитаристите Војкан и Драгутин Јаковлевски, кои се потпишуваат и на музиката и стиховите, а аранжер и продуцент е Валентино Скендеровски, во чие студио „Ентерпрајз“ се снимаше самата песна, додека на гитара гостува Стефан Петановски.

Првенчето на „Саундчек“ стигна во комплет со видео, кое го изработија група студенти од Факултетот за драмски уметности и во кое главната улога ја доби Изабела Јакимова. 

Се надеваме дека ова е само почеток за талентираните гостиварци, а како изгледа и звучи „Одведи ме во сонот“, дознајте во продолжение.