Промотер

Петар Ренџов има „Џезилка“ во „Вени“ (ВИДЕО)

Петар Ренџов има  „Џезилка“  во „Вени“ (ВИДЕО)

Новиот албум „Џезилка“ на познатиот македонски музичар Петар Ренџов ни пренесува и љубов и среќа и тага, нуди музика што извира од душата, квалитет и оригиналност. Првиот впечаток е дека секоја од песните („Жена без лице“, „Глинено око“, „Ноќна птица“, „Лулела је Јана“, „Македонки“, „Лоза дринкинг вуман“, „Твојте очи лено“, „Темјаника“…) е подготвувана перфекционистички, се везеле тон по тон, нота по нота и во тој микс од музички стилови, македонските традиционални нумери зазвучеа светски. Несомнено овој албум, со својот оригинален звук, ќе пополни голема празнина на македонската музичка сцена.

„Со текот на годините им бев лојален на моите музички браќа и сестри, како што ги нареков „толкувачи на соништа“, со кои соработувам со децении. Нивната поддршка ме прави горд и среќен, нивните музички изблици и импровизации ме облагородуваат. Тоа се врвни и посветени професионалци со екстремна естетика и сензибилитет, кои го збогатуваат колоритот и ги создаваат нијансите на боите на звукот. Без нив „Џезилка“ ќе биде само една црно-бела скица, која би се загубила во сивилото на обичниот, секојдневен пејзаж. Со трубачот Сенад Усеин со месеци филозофиравме дали звукот да биде модерен или класичен, а саксофонистот Кирил Кузманов на снимањата воопшто не зборуваше, некој го беше нарекол „тивкиот“, но додека свиреше очите ни светеа од воодушевување. Сашко Николовски, Дамир Имери и Дионис Стратров и Мартина Авросиевска се членови и на „Тумбао салса бенд“ и соработуваме веќе 25 години. За продукцијата на албумот се врзани три имиња Мите Димовски, Горан Гешовски и Љупчо Соколовски. Му благодарам и на Јане Дунимагловски, кој ја отпеа темата „Тајна насмевка“ и внесе цврста вокална енергија во „Џезилка“ – ијави Ренџов во интерву за „Нова Македонија“.

Како илустрација слушнете ја темата „Вени“ и видеото за неа.