Промотер

На Син4ак и 9Дима им е тешко и во „Пролет“ (ВИДЕО)

На Син4ак и 9Дима им е тешко и во „Пролет“ (ВИДЕО)

Битолското дуо Син4ак и 9Дима(Синчак и Девет-дима) го претстави своето прво видео за темата насловена „Пролет“, која е дел од заедничкиот проект што започна пред речиси една година. Имено, зад псевдонимот Син4ак се крие младиот трап-продуцент Петар Ристевски, кој настапува и твори и под името „Перомикс“.

9Дима му е колегата и сограѓанин Дима Тасевски, за кого ова е прв потфат во музичките води.

„Песната е снимена уште минатата пролет, но дури сега спонтано одлучивме да снимиме спот за неа. И покрај тоа што немавме никаков буџет, сфативме дека ја имаме главната алатка за снимање – апаратот, па помисливме, зошто да не? И така излеговме низ градот и цело време се снимавме, па на крајот направивме монтажа од снимките и резултатот е видеото за ’Пролет’“, вели Петар, додавајќи дека инспирацијата за самата песна ја добиле еден тажен и мачен ден, обземени од мрзеливост.

И покрај тоа што ова е прво видео за битолските музичари, тие зад себе имаат уште неколку заеднички песни, а се надеваат дека сето тоа ќе го заокружат и со албум. „Би сакале тоа да се случи, но сè уште не знаеме кога. Но знаеме дека наскоро ќе го имаме првиот настап, за кој во моментов сме во преговори, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите понатаму“, додава Петар, чиј потпис стои на матрицата и на неговиот дел од стиховите, а Дима си ги пишува своите.

Во реализацијата на видеото за „Пролет“ учествуваа и нивните пријатели Анастасија Зисовска (камера) и Бојан Георгиевски (монтажа), а како изгледа и звучи сето тоа дознајте во продолжение.