Промотер

Мијата со – „Бај, бај“ во спомен на Бојс и „Бубамара“ (ВИДЕО)

Мијата со – „Бај, бај“ во спомен на Бојс и „Бубамара“ (ВИДЕО)

Македонската пејачка Наташа Мијатовиќ – Крстевска, во јавноста позната под уметничкиот прекар „Мијата“ има нова песна. Всушност таа испеа стара песна, само на нов глас, со нов аранжам, во нов манир, визуелизирана со ново видео.

Имено, Мијата решила да ја преработи старата песна на покојниот Драган Каранфиловски – Бојс, од времето кога тој беше член на тогаш многу популарната поп група „Бубамара“, во периодот додека таа постоеше од средината на 80-те и првата половина на 90-ите години.

Токму со оваа песна тие се претставија на тогаш третиот по ред „Макфест 1988“ и иако завршија како седми, песната стана голем хит, беше многу популарна и прогласена за највртена песна помеѓу два фестивала од страна на слушателите на тогашното Радио Скопје и Здружениото на локални радиостаници ширум Македонија!

По повеќе од три децении подоцна, Мијата ја претстави својата верзија на овој некогаш голем македонски хит, овој пат преаранжиран од Дамир и Наташа Пух, како и од самата Мијата, во кантри стил. Музиката и стиховите се разбира се на покојната македонска музичка легенда – Бојс, додека за снимањето, продукцијата, миксот и мастерингот одново се погрижил гитарскиот виртоуз  Дамир Пух кој разбирливо ги свири и сите гитари, додека на усна хармоника се појавува Александар Пешевски – „Mighty Creation“.

Мијата за песната се погрижила да подготви и сосдветна визуелизција чија режија ја потпишува самата, додека како директор на фотографија и дрон е потпишан Јован Лесански, асистент на камера бил Мето Лесански, а за монтажата и постпродукцијата бил задолжен Аце Бошковски. Стајлингот на протагонистите во видеото го осмислиле Моника Блажевска и Сара Реџиќ.

Во снимањето на спотот покрај Мијата учествувале и Александар Пешевски/Mighty Creation –   усна хармоника, Теодора Гошева – гитара, Андреа Мирческа – контрабас и песот Дарма.

„Благодарност до: Софија Каранфиловска што се согласи на оваа авантура, момчињата од Мелем продукција што ми ја овозможија локацијата, Бојан  Тодоровски (Urban Cleaning) и сите учесници кои несебично придонесоа оваа верзија на ‘Бај Бај’ да звучи и изгледа вака. ‘Бај Бај’ оригинално беше изведена од група Буба Мара на Макфест ’88“ – напишала Мијата покрај видеото за песната, кое можете да го проследите во продолжение.