Промотер

Кире Мирчовски со нова гитарска рапсодија во – „Cohort“ (ВИДЕО)

Кире Мирчовски со нова гитарска рапсодија во – „Cohort“ (ВИДЕО)

Скопјанецот Кире Мирчовски спаѓа во плејада млади македонски рок гитарски виртуози, кои гитарската техника и умеење ги темелат на своето знаење стекнато веројатно слушајќи ги Сти Вај, Стив Лукетер, Џо Сатриани… и уште по некои мајстори на гитарскиот „прстомет“ од помлада светска рок гарда.

Токму во март минатата година го издаде своето дебитантско самостојно ЛП издание со осум траки во траење од половина час, на кои се наоѓа и една обработка на македонската традиционална песна „Не си го продавај Кољо чифлигот“.

Една година подоцна, во почетокот на март 2019 тој се појавува со нова тема, овој пат визуелизирана со видеозапис. Се работи за уште една гитарска инструменталка насловена „Cohort“, која е снимена, миксана и продуцирана од уште еден македонски гитарски виртуоз, каков што е Дамир Пух.

Едноставното, но функционално видео го потпишува Калин Бибан, а во оваа гитарска тема Кире одново го покажува своето свиречко мајсторство, но и авторска зрелост, во музиката која малкумина кај нас ја создаваат, а уште помалку ја разбираат и слушаат. Сепак оние што тоа го прават, знаат да ја препознаат нејзината вредност и убавина.

Ако сте еден од нив, преслушајте ја внимателно темата и погледнете го видеото за „Cohort“ на Кире Мирчовски. А и да не сте…

Останати вести од Промотер