Промотер

Гаро и браќата Тавитјан го повикаа да им се придружи Раде Шербеџија за… „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ (ВИДЕО)

Гаро и браќата Тавитјан го повикаа да им се придружи Раде Шербеџија за… „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ (ВИДЕО)

Реномираните македонски музичари, чии срца чукаат во 7/8, Гарабет и неговите синови – браќата Диран и Гаро Тавитјан деновиве го претставија своето ново видео за соработката со легендарниот актер и музичар Раде Шербеџија. Станува збор за преработка на старата македонска песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, чија музика и продукција е на браќата Тавитјан, на пијано свири Диран Тавитјан, на тапани Гаро Тавитјан, а Александар Икономов гостува на контрабас, додека видеото е дело на Александар Ристовски – Принц.

„Почитувани, задоволство ни е да ја споделиме со вас новата песна и видео запис на кој ни гостува легендарниот актер и вокал г-дин Раде Шербеџија. Зад него се многубројни филмски остварувања меѓу кои и светските хитови: ’Невозможна мисија’, ’Украдена’, ’Бетмен’, ’Светецот’, ’Хари Потер’, ’Пред дождот’, ’Ветувањето’, ’Истрага на местото на злосторството: Мајами’, како и  неговите соло-музички остварувања и соработки со врвни балкански музичари, а и со неговиот фантастичен состав ’Западни колодвор’ низ целиот свет“ –  објави во својот фејсбук пост  Гаро претставувајќи го новиот проект, за кој се надеваме дека е најава за ветеното трето продолжение од антологиското „Македонското срце чука во 7/8“.

„Шербеџија од неодамна е и член на најпрестижната филмска академија – Оскар. Тој е уметничка големина со светско реноме и е човек кој целиот живот се залага за единство помеѓу народите, надминување на разликите и нивна комуникација преку културата. За оваа прилика уште еднаш се потрудивме да дадеме заеднички музички придонес во чест на нашата земја, нашиот јазик и култура во една модерна акустична верзија. Посебна благодарност до г-дин Амир Бахтијаревиќ (BABA production) како и до Александар Ристовски (AleXander) кој го изработи видеото. Благодарност до Александар Икономов за контрабас делницата. Благодарни на оваа чест, се надеваме дека и вие ќе уживате“, дополни музичарот, а како изгледа и звучи сето тоа проследете и вие во продолжение.