Промотер

Фолтин – „Ми се води љубов“ (АУДИО)

Фолтин – „Ми се води љубов“ (АУДИО)

“МОМÓМА е најзрелиот албум на Фолтин. Музички клуч под дипле. Со кој
влегувате којзнае каде. Благо џезиран. Бескрајно љубовен. И, замислете, пријатно поинаков од сѐ
претходно, а препознатливо фолтиновски“ – ќе напише писателот Дејан Трајковски во описот на рецензијата за новото дискографско остварување на веројатно, македонскиот нај арт бенд.

Новото издание на „Фолтин“ кое беше промовирано вчера, четврток,18-ти април 2019 година, во кафе барот „Цреша“ точно напладне, на прес конференцијата на која членови на македонскиот арт бенд „Фолтин“ го претставија материјалот на „МОМÓМА“, содржи шест авторски композиции реализирани од: Бранислав Николов – глас, Пеце Трајковски-Брада – гитара и сајзер, Гоце Јованоски – бас, Славчо Јовев – тапани, Пеце Николовски – кларинет и усна хармоника. Како музичари – гости се појавуваат: Петар Димитровски – клавијатури (1-6), Владан Дробицки – тромбон и Васко Бојаџиски – саксофон (5)
Снимател на материјалот бил Гоце Јованоски, додека миксот и мастерингот се на Ивица Јанкуловски-Штраф. Сето тоа е снимено во студиото „Алшар“, во Скопје, во периодот од декември 2018 – јануари 2019
Дизајнот на обвивката го потпишува Ангел, додека издавач е НМА.

Како илустрација на целиот материјал ви ја презентираме темата „Ми се води љубов”, во која можеби можете да го препознаете и Том Вејтс, како да влегол во романтична џез фаза, па пее пригушено низ мегафонот од
“Chocolate Jesus”. А потоа од некаде излегува и Боуви, со онаа негова проклето прекрасна насмевка.

А текстовите? Тие се такви какви што ги очекувате – безмилосно нежни и силни. „МОМÓМА” е оној момент којшто не сакате да заврши. Во ноќта кога, рече, може само да ме сонуваш. Кога ви се води љубов. Малку неморално. Раскошно и блудно” – резимира Дејан Трајкоски.

Преслушајте ја „Ми се води љубов“ и самите проценете: