Промотер

Дамјан Пејчиноски со џипси-џез варијација на евергринот „Еден бакнеж“ (ВИДЕО)

Дамјан Пејчиноски со џипси-џез варијација на евергринот „Еден бакнеж“ (ВИДЕО)

Македонскиот евергрин Еден бакнеж“, кој во далечната 1962 година на фестивалот „Опатија“ го отпеаја Зоран Георгиев и Нина Спирова, е една од најпознатите и најпреработувани македонски песни, за која текстот го напиша Христо Крстевски, музиката Петар Пешев, а аранжманот го направи легендарниот Драган Ѓаконовски Шпато.

Освен вокалните интерпретации на бројни македонски изведувачи, исто толку воодушевуваат и инструменталните верзии, како што е и штотуку објавената од нашиот гитарски виртуоз Дамјан Пејчиноски, овој пат во џипси-џез стил.

За новото руво на „Еден бакнеж“, тој ги здружи силите со колегата Емир Хот, со кого соработува веќе подолго време, а на виолина гостува Љубомир Толумбаџиев. Во создавањето учествуваа уште и Горан Гешовски на контрабас и Николче Мицевски на перкусии, а аудио-миксот и мастерингот ги направи Микјал Хванастајн во студиото „Мајк“ на Фарските Острови.

Еден бакнеж“ е дел од новиот проект кој Пејчиноски го подготвува со Емир Хот, а како звучи сето тоа дознајте во продолжение.

Извор:РадиоМК