Промотер

„Бока – Рафинерија“ и Адријана – „Кеш“ се во љубовно – „Пали – гаси“ (ВИДЕО)

„Бока – Рафинерија“ и Адријана – „Кеш“ се во љубовно – „Пали – гаси“ (ВИДЕО)

Пејачот Борче Бока Димитров, познат како Бока – „Рафинерија“  летово ја екранизираше својата песна „Ако не си моја“. 

По ова негово музичко „соло чедо“ Бока реши да ги здружи силите со познатата и атрактивна македонска фолк пејачка Адријана Ацевска позната под уметничкото име Адријана – „Кеш“. Резултат на нивната соработка е новото музичко парче насловено „Пали – гаси“, кое воопшто не е фолк нумера и покрај определбата на пејачката, а неа како автор на музиката и текстот ја потпишува самиот Бока Димитров.

Како и да е, се работи за нумера во која во основа Бока и Адријана одлично се вклопиле не само со гласовните можности, туку и со стиховите кои совршено кореспондираат со музиката и целиот тензичен амбиент на нумерата. Меѓусебни обвинувања на една љубовна двојка, во кои секој држи до својата страна, до својата вистина, која всушност е лага во која верува само оној што ја кажува, обидувајќи се да ја убеди, а во истовреме и обвини другата страна… И сето тоа одлично спакувано во еден музичко-стиховен калибар достоен и за многу поголеми пејачки имиња, зачинет со одличната продукција и аранжман на Робер Билбилов. Едноставно, нумера која како да е создадена за дует… кој одлично функционира!

Ако на сето тоа му се додаде и функционалното видо кое не е можеби кој знае колку високобуџетно, но кадрите во него совршено кореспондираат со музиката и текстот на песната создавајќи една аудиовизуелна целина која мириса на хит.

Зад видеозаписот стои видеопродукцијата „ДРД Медија“, а режијата ја потпишува уметничкиот фотограф и режисер, Драган Ристовски – Дац, кој и самиот е и музичар и композитор.

Како наведеното изгледа спакувано во аудиовизуелното парче музика и видео насловено „Пали – гаси“, проследете во продолжение.