Промотер

Александар Талески го промовираше спотот за неговото првенче, печалбарската -„Прости ми мајко” (ВИДЕО)

Александар Талески го промовираше спотот за неговото првенче, печалбарската  -„Прости ми мајко” (ВИДЕО)

Александар Талески го промовираше спотот за неговото првенче кое носи наслов „Прости ми мајко”. За потребите на спотот биле користени неколку локации на подрачјето на село Штавица, кое се наоѓа во прилепскиот крај, а видеото го изработила ИН Продукција.

Станува збор за песна со печалбарска тематика и доста емотивна приказначии стихови ги напишала Нена Дулева, а музиката и аранжманот се на Флори Манев.

Во песната учествуваат и познатиот зурлаџија Џељо Дестановски, како и музичарите Алекс Петковски на кавал и Горан Мирковски, кој ја снимал, направил миксот и мастерингот за песната во  „The Studio“.

Во видеото покрај пејачот Александар Талески во улоги на актери се појавуваат уште и Виолета Талеска и Никола Јакимовски.

„Песната содржи големи емоции, а и од моја страна е отпеана со големи емоции затоа што јас се пронајдов во таа песна и еден дел од неа е автобиографски, дел од мојот живот. Многу луѓе кои  живеат во туѓина, наши иселеници, ќе се пронајдат во оваа песна. Не би раскажувал многу, ќе оставам слушателите и гледачите сами да погледнат и слушнат за што се работи. Тоа е песна за сите мајки што имаат синови кои живеат далеку од нив, во туѓина“ – истакна Талески во интервју за ИН ТВ.

Инаку, Александар живее во Прага, Република Чешка каде што изминатите години водел и свој бизнис со ресторани. Како што вели токму во неговите локали одржувал и свирки каде што преовладувала македонската песна.

„Најчесто во Република Чешка настапував во моите ресторани, затоа што во Чешка не е многу застапена нашата музика, генерално Балканската. Некои настапи имав и во Германија на приватни забави, но претежно се фокусирав и работев на тие простори таму. Сепак, целта ми е да се афирмирам малку и во Македонија, може некое време да останам, да се проширам со бизнисот, а може и да се вратам, никогаш не се знае“ – вели Александар.

Покрај оваа песна, Александар за следниот период најавува уште неколку нови песни кои повторно ќе бидат во соработка со Флори Манев.

Во продолжение погледнете го спотот за „Прости ми мајко“: