Мегафон

Поинакво музичко патување со „Звукот на Скопје“

Поинакво музичко патување со „Звукот на Скопје“

Манифестацијата „Звукот на Скопје“ почнува в петок ( 16 септември) и на градот му носи свежина и нова енергија преку содржините што ги нуди. Музички ѕвезди, инспиративни изложби, театарска претстава за деца, поезија…Скопјани викендов ќе имаат забава за паметење.

Плоштадот пред Филхармонијата („Мајка Тереза“) е местото каде в петок ќе настапи Констракта и „Земља грува“ (Zemlja gruva), која годинава ја претставуваше Србија на натпреварот за најдобра песна на Евровизија и предизвика големо интересирање во регионалната, но и европската јавност и медиуми со впечатливиот сценски настап, ангажираноста и пораките кои ги испрати преку својата изведба.

На настапот на Констракта, му претходи младиот панк бенд „Хајка“ од Скопје. Станува збор за бенд од помладата генерација, инспирирани од минатото и бит-генерацијата. Досега имаат издадено едно EP и еден албум, а во поддготовка е и вториот албум „Мека Машина“. Младите музичари имаа забележителни настапи на „Здраво Млади“ и „Земјотрес“ и токму тие ќе го отворат „Звукот на Скопје“ на 16 септември, а по нив следува настапот на Дина Јашари & другари, која е најголемото освежување на новата македонска музичка сцена.

Извонредниот пристап кон пишувањето песни, прекрасните сонливи аранжмани, емотивни лирики, современа, модерна и свежа продукција и секако, хипнотизирачките настапи во живо со полно право ја ставаат Дина на пиедесталот на новата локална музичка сцена. Минатата година го издаде своето прво EP насловено „Дома“ кое ја зацврсти на мапата како една од најталентираните млади артистки на Балканот.

Низ чаршијата, љубителите на класичната музика ќе имаат можност да го проследат настапот на гудачкиот квартет „Вива стрингс“. Овој класичен камерен состав го сочинуваат: Елена Талевска, прва виолина, Димитар Михајловски, втора виолина, Дубравка Зајкова, виола и Дејан Теодосиевски, виолончело.

„Diaz Wojtas Duo“ ќе настапат пред Стоковната куќа „Мост“, а за љубителите на ликовната уметност, Културно информативниот центар-Скопје, кој е организатор на манифестацијата „Звукот на Сопје“, в петок овозможи да се погледне изложбата „MACEDONIA“ од бразилските уметници Даниел Kастинет (Daniel Chastinet) и Вилсон Нето (Wilson Neto) во просториите на КИЦ (Империјал I). Двајцата автори во 2019 година учествувале на уметничката резиденција Де Ниро во Битола и оттаму ги пренесуваат своите скици и цртежи, материјални и нематеријални интернализирани визуелни и душевни записи.

Нивната изложба „Македонија“ е разговор меѓу два света, покана за приближување и поместување на границите меѓу местата и културите, изложба што го слави пријателството.

Останати вести од Мегафон