Мегафон
замина уште една урбана скопска легенда

Почина Сашо Пижевски – Пиже, менаџер, угостител и основач на „Хавана Бенд“

Почина Сашо Пижевски – Пиже, менаџер, угостител и основач на „Хавана Бенд“

На 57 годишна возраст, почина Сашо Пижевски – Пиже — скопска урбана легенда, пејач, кафе-клуб менаџер и угостител, еден од креаторите на ноќниот живот во 90-ите во Скопје.

Пиже е роден е во скопско Дебар маало, каде го поминал своето детство, за потоа да се преселил во Влае, каде што и до денеска живееше. Тој е еден од главните творци на ноќниот и забавен живот во Скопје од крајот на 80-тите па со мали паузи сè до денес. Заедно со Горан Атанасов – Зеко и Игор Џамбазов е основач и член на култната група „Хавана Бенд“, која беше своевидна атракција на македонската естрада во раните 90-ти, позната по хитовите: „Шток ми бејби“, „Нема спас“, „Дај ми, жити се“… По нејзиното распаѓање, се посвети на својот бизнис – угостителството и само повремено, како гостин, учествувал во неколку музички проекти.

На музиката и се врати со повторното обединување на „Хавана Бенд“ со Драган Спасов-Дац, на местотот на Џамбазов  во  и нивниот хит „Балада за мајка ти и татко ти“, плод на соработката со Александар Митевски. Во тоа време Пиже беше и сопственик на привлечниот кафе-бар „Мајка ти и татко ти“ во скопксо Дебар Маало.

Тажната вест за ненадејното и прерано заминување на урбаната скопска легенда бргу се прошири на социјалните мрежи, а еден од неговите најдобри другари, Игор Џамбазов, меѓу првите ја обзанани простувајќи се од него.

„Каде бе Пиже? Каде бе брате? Само пред пет дена пиевме кафе кај мене у маало. Ми збореше за Скијатос, а во очите ти светкаа тинејџерски искри на радост. Имаше повеќе живот во тебе од сите гости во бавчата. Ми рече: “Џамбаз, уште не и ме се дааме на копиљациве, така? Па шо бе, боље изглеаме од нив”. Довидување, другар мој. И сликни едно селфи од горе. Ја ќе го објавам, ти шерни го. Тага. Збогум брате…“, напиша Џамбазов во својата проштална порака на Инстаграм.

Од креаторот на ноќниот живот во Скопје во 90-ите години, кога во македонската метропола доаѓаа дури од Белград да се забавуваат, се простуваат многу јавни и познати личности, но и обични луѓе, кои ја живееја својата младост со кафулињата и забавите што ги менаџираа и правеа Пиже и Зеко.

Замина човек кој со својата тивкост и добрина беше пријател со сите урбани лица во градот. Замина ненадејно, тивко, без најава… Онака како што последниве години живееше.

Нека му е светол патот кон вечноста, која Пиже, скопската урбана легенда, оддамна ја заслужи.